Роберт Ивановски со нова машка асиметрична колекција: „ХI“ е микс од уметност и безвременски дизајн
Од мрачната садо-мазо колекцијата „Edgepla“ од 2011 година која беше инспирирана од Маркиз де Сад, до колекции со симболични наслови „Торео“, „Ранети“… или со колекција со апстрактни принтови на младите сликари Бојан Ковски и Елена Чемерска, дизајнерот Роберт Ивановски, препознатлив по ексцентричноста и мистиката, на Скопскиот моден фестивал, викендов, во Сити мол, се врати на модната сцена со колекција „ХI“ – асиметрична машка мода пренесена во единаесет модели, во неговата омилена, црна боја, овој пат освежена со кралско сината .

Иако стилот на Ивановски еволуирал низ текот на годините, (за време на пандемијата се посвети на магистерските студии по комуникации и моден стил, а маркетингот стана неговата нова љубов), секогаш останува иста онаа препознатливост за неговиот стил на работа. Модерен и минимален гот дизајн, со доза на строг и смел допир. Тоа е изглед кој дава самодоверба и го двои од толпата на посебен начин.

„Брендот создава современа облека за урбани луѓе, кои имаат тенденција да вклучат уметност и безвременски дизајн во нивното секојдневие“, изјави Ивановски.


