Ристески: Инспекторатот ги анализира цените на 700 основни производи, резултатите за една недела
Државниот пазарен инспекторат ги следи цените на околу 700 есенцијални производи, а резултатите од анализата се очекуваат во рок од една недела, изјави заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, пренесе МИА.
При посетата на Агенцијата за вработување во Штип, Ристески рече дека инспекторите извршиле контроли во голем број продажни објекти, по што Владата ќе одлучи дали и какви мерки ќе бидат преземени за намалување на цените.
Тој посочи дека целта е до крајот на годината да се одржи ниско ниво на инфлација, оценувајќи дека со завршувањето на воениот конфликт се очекува стабилизација и намалување на цените, освен кај производите чии цени зависат од берзанските движења.
Ристески истакна дека инфлацијата во земјава е меѓу најниските во регионот и дека Македонија има едни од најниските цени на основните прехранбени производи.
Во однос на трговските маржи, тој рече дека анализите ќе покажат во кои категории производи има највисоки маржи и дали тие се економски оправдани.
-Анализата ќе покаже каде има простор за намалување на цените и каде маржите не се оправдани. За резултатите навремено ќе информираат Министерството за економија и Владата – рече Ристески.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи со политики насочени кон заштита на животниот стандард на граѓаните, но без мерки што би предизвикале негативни последици врз економијата.