Ричард Бренсон со лет до Вселената на 11 јули


Англија – Британскиот милијардер Ричард Бренсон на 11 јули ќе отпатува до Земјината орбита, со пробен лет на неговата корпорација „Вирџин галактик холдингс инк.“, објави вчера компанијата за вселенски туризам. Со тоа, таа фирма може „да го претрка“ Американецот Џеф Безос, чиј лет е закажан за 20 јули.

„Вирџин галактик‘ е предводник на новата комерцијална вселенска индустрија, создадена да отвори простор за човештвото и да го промени светот засекогаш“, рече Бренсон во соопштението.

Успешен лет со „Вирџин ВСС Јунити“ би значел клучна пресвртница во трката за приватни комерцијални патувања во Вселената, коментираат познавачите. Исто така, тоа би значело дека Бренсон би патувал надвор од атмосферата на Земјата пред Безос, и неговата „Блу ориџин“.

Компанијата „Спејс-Икс“ на Илон Маск, која има слични стремежи, сѐ уште нема утврдено датум за лет.

Мисијата на Бренсон на 11 јули ќе биде 22-от пробен лет на „ВСС Јунити“ и четврти вселенски лет на компанијата. Но, ова ќе биде првиот со комплетен екипаж од двајца пилоти и четворица „специјалисти за мисијата“, вклучувајќи го и Бренсон.

Пред планираниот почеток на комерцијалните услуги во 2022 година, планирани се уште два пробни лета, се вели во соопштението.