Резилот на Радев пред Зеленски
Бугарскиот претседател не најде сила ни да ја нарече војната војна. За него тоа е конфликт. За него не се доволни масакрите во Буча, разнесениот театар во Мариупол, маченичките одаи, силувањата, масовните гробници
Однесувањето на Румен Радев на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски може да се изрази само со еден збор: резил. Кој, за жал, е и резил за Бугарија – бидејќи тој е бугарски претседател и во ова својство е симболична личност која ја претставува нашата земја пред светот. Има и добра вест – по оваа средба и разменетите реплики на почетокот, и на слепите треба да им биде јасно какво недоразбирање е позицијата на шефот на бугарската држава.
Нормално, не беше Радев тој што го покани Зеленски. Поканата дојде од бугарската влада. Марија Габриел, вицепремиер и иден ротирачки премиер, му посака добредојде на бугарска територија. Радев не беше таму, тој беше зафатен со поважни државни работи – на пример, разговараше со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Симболичен разговор: двајцата се единствените кои не поддржуваат помош во оружје за Украина. Токму затоа шефот на бугарската држава повеќе би сакал да разговара со ѓаволот отколку со Зеленски – но не можеше да не го прифати тоа, тоа би било дипломатски гаф од размери што ќе ги однесе последните остатоци од неговиот углед пред надворешниот свет. Така, иако со голема неволност, бугарскиот претседател го прими својот колега на „Дондуков“ 2 (канцелариите на бугарскиот претседател – н.з.), тие двајца разговараа и резултатот од овој разговор беше голем резил. За Радев, се разбира, не за Зеленски.
Резил, бидејќи бугарскиот претседател не најде сила ни да ја нарече војната војна – исто како што не толку одамна еден воен министер Стефан Јанев ја нарече „специјална воена операција“, бидејќи така ја нарече Путин. Румен Радев едноставно ја нарече „конфликт“, формулација дадена тоа утро од портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, кој рече дека „киевскиот режим прави сѐ што е можно за да вклучи што е можно повеќе земји во директно учество во овој конфликт“. Оваа руска поддршка е идентична со главната теза на бугарскиот претседател зошто Бугарија не треба да ѝ дава помош во оружје на Украина – затоа што на овој начин се вклучува во „конфликтот“. Што, чудно зошто, не се случува, на пример, со Полска и балтичките земји, кои се граничат со жртвата на руската агресија.
И резил затоа што претседателот уште еднаш го искажа својот став против помошта за Украина – по одлуката на бугарската влада да обезбеди таква помош, откако бугарскиот парламент гласаше за поддршка на членството на Украина во НАТО, по обезбедувањето на таква помош е заедничка политика на целата евроатлантска заедница и бидејќи од морална гледна точка е јасно дека во ситуација на вооружена агресија во срцето на Европа, одбивајќи да ја поддржите жртвата, му помагате на агресорот. Но не – Румен Радев повторно ги изнесе своите аргументи: овој конфликт немал воено решение, тој расте и предизвикува кризи, треба да се бараат дипломатски начини за постигнување мир и исто така: како врховен командант имал должност да се грижи за борбената способност на бугарската војска за да не се ослабува со ваквите донации. (Нема врска што воените залихи содржат огромни количества оружје со поминат рок на траење за што наскоро ќе треба да се плаќа за да се отстранат.)
Овој пат, пак, Радев го најде својот мајстор. Зеленски директно му го постави прашањето: „Не поддржувате оружје за Украина за да не ослабне вашата армија или не го поддржувате зајакнувањето на Украина?“ И уште едно, вистинско убиствено прашање: „Ако војната дојде кај вас, ќе кажете ли: Путин, земи бугарска територија?“ Го праша и – ако војната дојде кај вас, што ќе правите тогаш ако никој не ви помага? Дури тогаш бугарскиот претседател се сети да ги исфрли новинарите. За жал, предоцна: резилот веќе беше во јавноста – и отсега натаму, никој нема да може да го избрише.
Кадрите што ги запечатија овие зборови треба да се гледаат многу внимателно – бидејќи не само зборовите, туку и говорот на телото на претседателската кохорта беше премногу видлив. Во зборовите на Зеленски имаше емоции, имаше живот во неговите гестови. Луѓето од другата страна на масата седеа како препарирани, како да мирисаа на мувла, гестовите на Радев, интонацијата, нервозното чукање со прстите на масата зрачеше непријатност, грижа на совест и страв.
Да, страв – затоа што не успеа да ја спречи регуларната бугарска влада, и покрај саботажата на техничките министри, и покрај директното барање до академик Денков (сегашниот премиер – н.з.) да не го исполни доверениот мандат и покрај кавгата во Народното собрание пред химната. На крајот, Бугарија не испадна слабата алка во НАТО и ЕУ, како што се надеваа и нарачуваа од Кремљ, и покрај желбите на бугарскиот „(п)еезидент“ слободата и демократските вредности во Европа ќе бидат бранети и со бугарски гранати. Во овој разговор, всушност, се судрија два света: иднината на обединета Европа, која ги надмина војните и деспотизмот, и некои сенки од нашето не така далечно минато, кои секогаш се подготвени за удари во грбот и фрлени пред руската чизма.
Сепак, не е само тоа. Уште попоразителна би била споредбата со начинот на кој разговараа Зеленски и Николај Денков – или јавната дискусија каде Зеленски одговараше на прашања во салата на Историскиот музеј. Ако го направиме тоа, ќе видиме дека станува збор за два некомпатибилни вредносни системи и два различни света кои се разминуваат не само временски, туку и по самата морална основа на оние кои заземаат став за актуелната војна. А меѓу многуте разлики, според мене, има една главна: луѓето кои ги делат грижите и маките на Зеленски се способни за емпатија, додека групата на Румен Радев не е.
Еден пример – кога како одговор на новинарско прашање спомна околу 200.000 деца де факто киднапирани од Русија, за кои не се знае дали се живи и каде се,тој се запраша дали тоа не е доволно за да ѝ помогне на Украина.
Очигледно, ова не е доволно за Румен Радев. Не се доволни масакрите во Буча, разнесениот театар во Мариупол, маченичките одаи, силувањата, масовните гробници. Доволно е само Украина да ја наведне главата и да дозволи да биде уништена – за доброто на мирот, дури и ако таков мир би траел еден ден до пладне – по Украина би следела уште една инвазија – во Молдавија, Полска или Балтикот. земји, а можеби и во Бугарија. И навистина е интересно: ако руската армија реши повторно да го премине Дунав за да нѐ ослободи од ова или она, што, според бугарскиот претседател, треба да направат Бугарите – да земат оружје во одбрана на својата слобода, како што направија Украинците и нашите предците за време на Првата светска војна, или да ги пречекаме со леб и сол и да им изградиме уште еден споменик во центарот се Софија – за уште една ослободителна војска.
При разделбата, Зеленски и се заблагодари на Бугарија – што е на светлата страна на историјата. Да, бевме таму денес – и се надеваме дека имаме сила да ја одбраниме нашата позиција. За Румен Радев останува темната страна – нека е вечен алал, во друштво на господинот Копејкин (Костадин Костадинов, лидер на Преродба – н.з.), г-ѓа Нинова (лидерка на БСП – н.з.) и другите фосили.
(Едвин Сугарев е поет, историчар и дипломат. Бил амбасадор на Бугарија во Монголија и Индија. Текстот е објавен во бугарски „Дневник“.)