Ретроспектива на Милош Форман во Кинотека: Режисер од посебна филмска планета

Најавувајќи ја априлската филмска програма во Кинотеката, го акцентиравме омажот на Форман со метафората дека пролетта не е годишно доба, туку состојба на Формановиот филмски ум, што ќе го пренесе во американските филмови и европските копродукции


Со 21 потпис како режисер на филмови, два „Оскари“ и педесеттина други престижни награди на филмските фестивали ширум светот, и со творештво кое како никогаш порано обединило два филмски „света“ – источноевропскиот со појдовна точка во родната Чехословачка и Холивуд, со придружниот европејски шмек – Милош Форман (Miloš Forman) делува како да не е од оваа Планета. Макар таа била и филмска.

Роден во 1932 година во гратчето Часлав како Јан Томас Форман, во Втората светска војна останал без родителите Ана и Рудолф, кои загинале во нацистичките концентрациони логори Аушвиц и Бухенвалд, бидејќи имале еврејско потекло. Во средината на 50-те години, Милош Форман студира сценарио на прочуената филмска школа ФАМУ, каде што дипломира во 1957, а потоа си го пробива патот во чешката кинематографија – работејќи на разни позиции.

Форман со своите рани дела е протагонист на чешкиот „нов бран“, со филмови во кои тој мајсторски го спојува документарното и играното, создавајќи еден посебен сензибилитет.

Овој месец, Кинотеката ќе прикаже значаен дел од неговата филмографија, и тој избор ги опфаќа неговите луцидни пионерски чекори со среднометражниот филм КОНКУРС (Konkurs / Audition, 1964), потоа долгометражните играни филмови ЦРН ПЕТАР (Černý Petr / Black Peter, 1964), ВЉУБЕНАТА РУСОКОСА (Lásky jedné plavovlásky / A Blonde in Love, 1965) и најнакрај – ГОРИ, МОЈА ГОСПОЃИЦЕ (Horí, má panenko / The Firemen’s Ball, 1967), неговиот последен чехословачки наслов пред заминувањето во САД.

Наградите и признанијата што Форман ги добива за овие дела само ја отсликуваат свежината што чехословачката и европската кинематографија ја добија со тој „нов бран“. Со ВЉУБЕНАТА РУСОКОСА од 1966 година, Форман е дел од најголемиот успех на чешката кинематографија во средината на таа деценија, кога прашките филмски мајстори на двапати го освојуваат „Оскарот“ за најдобар странски филм – Јан Кадар и Елмар Клос со ПРОДАВНИЦАТА НА КОРЗОТО (1965) и Јиржи Менцл со СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ (1967), а и Форман бил номиниран за оваа престижна награда на Американската филмска академија.

Најавувајќи ја априлската филмска програма во Кинотеката, го акцентиравме омажот на Форман со метафората дека пролетта не е годишно доба, туку состојба на Формановиот филмски ум, што ќе го пренесе во американските филмови и европските копродукции. Форман ќе го освои првиот од двата „Оскари“ во неговата кариера со ЛЕТ НАД КУКАВИЧЈОТО ГНЕЗДО (One Flew Over the Cuckoo’s Nest) во 1976, по кој следуваат КОСА (Hair, 1979), АМАДЕУС (Amadeus, 1984) и вториот „Оскар“, НАРОДОТ ПРОТИВ ЛАРИ ФЛИНТ (The People vs. Larry Flint, 1996), како и неговиот последен игран наслов, ДУХОВИТЕ НА ГОЈА (Goya’s Ghosts, 2006).

Постои и една интересна димензија во неговото филмско творештво, кое го прави посебен во изборот и работата со актерите. Форман има режирано филмови во кои 8 различни актери биле номинирани за „Оскар“. Тоа се Џек Николсон, Луиз Флечер, Бред Дјуриф, Хауард Е. Ролинс Џуниор, Елизабет МекГоверн, Ф. Мари Ејбрахам, Том Хулс и Вуди Харелсон (Jack Nicholson, Louise Fletcher, Brad Dourif, Howard E. Rollins Jr., Elizabeth McGovern, F. Murray Abraham, Tom Hulce, Woody Harrelson). Со „Оскари“ се закитија Николсон и Флечер за улогите во ЛЕТ НАД КУКАВИЧЈОТО ГНЕЗДО, како и Ејбрахам за АМАДЕУС.

Форман почина во 2018 во гратчето Денбери, Конектикат, САД. Чешките документаристи Јакуб Хејна и Хелена Трештикова, во 2019 година го промовираа документарецот ФОРМАН ПРОТИВ ФОРМАН (Forman vs. Forman), филм кој на најсуптилен начин ја затвора оваа наша ретроспектива на големиот мајстор на филмот во Кинотеката.