Реткост е да славиш 60 години од матурата заедно со класната


БИТОЛА – Реткост е да се чуе дека после 60 години од матурата, учениците слават јубилеј заедно со класната. Тоа на големо задоволство им се случува на генерацијата 1963/64 во Средното економско училиште -„Јане Сандански“ во Битола.

Токму шеесет години од матурата викендов прослави класот на професорката по македонски јазик, Љупка Балојани.

Професорката Балојани, ја живее деветтата деценија од живот, а нејзините ученици ближат по 80 години, и сите заедно долги години се под пензија. Таа била млада професорка кога и довериле да води клас. Велат дека средбата им предизвикала многу емоции, отворајќи ги повторно спомените од убавите моменти од училишните клупи, на згодите и незгодите со голема верба и надеж дека заедно ќе се присетуваат на младоста и средношколските денови и во иднина, ќе слават заеднички јубилеи, во добро здравје.

Средното економско училиште во Битола лани одбележа значаен јубилеј 100 години постоење.

Првите ученици биле запишани во далечната 1922/1923 година во тогашната „Средна трговска школа“, учеле во денешните простории на ООУ „Гоце Делчев“ во центарот на Битола, а биле запишани само 30. По ослободувањето, продолжиле таму, а во 1974 година училиштето е преместено на Булеварот 1 Мај, каде функционира и сега, во простории на гарнизон на ЈНА во Битола. (А.Б.)