„Реплек“ 10 години развива производи врз база на медицински канабис и е на европските пазари
Производите врз база на медицински канабис се еден од клучните сегментите каде што гледаме значаен потенцијал за понатамошен раст, како на домашниот, така и на меѓународните пазари, вели Коста Котески, заменик-генерален директор на „Реплек“
Пред десет години кога „Реплек“ ја почна програмата за производство на производи од медицински канабис многумина гледаа на компанијата со скептицизам. Денес оваа фармацевтстка компанија е лидер на македонскиот пазар во овој сегмент и со вакви производи е присутна на европскиот пазар. Коста Котески, член на Управниот одбор и заменик-генерален директор и директор за маректинг и продажба на „Реплек“, во интервју раскажува како тргнала таа идеја, колку се вложувало, зошто овој сегмент има голем патонецијал и какви се идните планови на компанијата.
„Реплек“ минатата година одбележа значаен јубилеј, 80 години постоење, а оваа година одбележува уште една важна пресвртница: 10 години од почетокот на производството на производи на база на медицински канабис. Како го оценувате развојот на овој сегмент и какви можности отвора тој за „Реплек“, како на домашниот, така и на странските пазари?
Kога пред 10 години започнавме со производството на производи од медицински канабис се соочивме со доза на резерва и скептицизам. Но, нашата одлука се базираше на темелни истражувања и анализи, кои ни покажаа дека во овој фармацевтски сегмент има голем потенцијал. Иако се работеше за ново поле ние бевме уверени дека треба да започнеме со развој на производите врз база на медицински канабис.
Овој пионерски чекор започна со нова инвестиција која ги следеше најновите трендови во производството на ваков вид производи. Покрај инвестициите во нова опрема за производство на производи на медицински канабис, многу посветено работевме и на системите за контрола на квалитет. Се работеше за сосема нова линија, прва на пазарот, која мораше да содржи три клучни предуслови: иновативна технологија, врвен и проверен квалитет и производ кој можеме успешно да го пласираме на пазарот.
Така се роди оваа линија, која не беше важна само за нашата компанија. Се работи на нешто многу поголемо. Преку нашиот пример поттикнавме и други компании да инвестираат и да го развиваат овој сегмент кој има голем потенцијал, засега само делумно искористен. Тоа се нови инвестиции и нови работни места, што значи дека овој потег на „Реплек“ имал влијание и во развојот на економијата.
Гледано од денешен аспект, 10 години потоа, ние не само што создадовме успешна приказна и производи со врвен квалитет, туку тие се извезуваат на странски пазари, каде контролите за квалитет се многу строги. Присутни сме и на пазарите на Европската унија преку извоз во Словенија и Ирска.
Денес е јасно дека овој сегмент има значителен потенцијал на европскиот и глобалниот пазар, и ќе им припадне на компаниите кои ќе понудат квалитетни, безбедни и стандардизирани производи, поткрепени со знаење, континуирани инвестиции и одговорен пристап кон потрошувачите. „Реплек“ има десетгодишно искуство во оваа област и цврста основа врз која ќе продолжи да го развива своето портфолио, да инвестира во иновации и да ги користи можностите што ги нуди овој перспективен сегмент на глобалниот пазар.
Кои се следните планови на „Реплек“ околу производите врз база на медицински канабис? Како планирате да ја зајакнувате позицијата на компанијата на домашниот пазар?
„Реплек“ ќе продолжи со стратегијата за пробив на странските пазари, а истовремено ќе продолжиме и да го јакнеме присуството на домашниот пазар. Како што посочив, овој тип на производи има многу силен потенцијал и ние тргнуваме свесни за тој факт при креирањето на стратегијата. Очекуваме дека до крајот на летото ќе имаме и пробив на уште еден пазар во Европската унија.
Нашата цел е да градиме доверба преку квалитетот на производите, но и преку едукација и поддршка на корисниците. Токму во таа насока „Реплек“ го отвори КА информативниот центар за производите на база на медицински канабис, прв центар од ваков вид во државава. Како пионери во оваа област, сметавме дека имаме одговорност, покрај развојот на квалитетни производи, да создадеме и место каде што граѓаните ќе можат бесплатно да добијат проверени информации и стручни бесплатни совети за нивната правилна употреба.
Нашата мисија е подигнување на свеста за овие производи и надминување на стереотипите кои сè уште постојат. КА информативниот центар ни овозможува секојдневно да бидеме поддршка за потрошувачите и да придонесеме кон нивно подобро информирање.
„Реплек“ е извозно ориентирана компанија, а светот се соочува со глобални геополитички и економски промени кои влијаат врз фармацевтската индустрија. Како се одразуваат овие промени врз работењето и пазарната позиција на компанијата?
Фармацевтската индустрија отсекогаш била изложена на динамични промени, особено во делот на регулативата, која постојано се развива и се усогласува со новите потреби и стандарди. Токму затоа „Реплек“ континуирано ги следи промените и навремено се адаптира на новите околности. Геополитичките случувања и економските предизвици несомнено влијаат врз пристапот до одредени пазари, но истовремено отвораат и нови можности за позиционирање.
Нашата предност е што веќе имаме богато искуство на различни пазари и денес сме присутни во повеќе региони во светот. Тоа ни овозможува побрзо да ги препознаеме трендовите, поефикасно да се адаптираме на промените и да носиме стратешки одлуки за понатамошен раст.
Диверзификацијата на пазарите и континуираното вложување во квалитет, иновации и партнерства се најдобриот одговор на неизвесностите што ги носи современото деловно опкружување. Нашите бројки ја потврдуваат целисходноста на оваа стратегија. Само во изминатата година, остваривме раст на нето добивката од 36 отсто, со едновремено значително подобрување на профитабилноста и раст на нето маржата на 14,7 проценти.

Неодамна информиравте за пробив на британскиот пазар. Колку се високи и строги критериумите за пласман на фармацевтски производи во развиените пазари надвор од Европската унија?
Британскиот пазар е еден од најзначајните и најконкурентни фармацевтски пазари во светот, а критериумите за регистрација и пласман на фармацевтски производи се меѓу најстрогите. Затоа за нас претставува особена гордост што токму шампонот „Реконазол“ е првиот лек со кој „Реплек“ успешно го направи својот пробив на британскиот пазар. Овој успех претставува силна потврда дека производите на „Реплек“ ги исполнуваат највисоките стандарди за квалитет, безбедност и производство, и е резултат на долгогодишните инвестиции, знаење и посветеност на нашите тимови.
„Реплек“ минатата година по петти пат го доби EU GMP сертификатот, кој претставува еден вид „пасош“ за извоз како потврда на квалитетот и добрите производствени практики. Сертификатот се добива по темелни инспекции на производствените капацитети и претставува доказ дека компанијата ги исполнува највисоките фармацевтски стандарди.
Континуираното инвестирање исто така игра значајна улога. Во јубилејната 2025 година реализиравме инвестиции во вредност од 5,9 милиони евра, а извозната стратегија придонесе дури 75 отсто од вкупните приходи од продажба да доаѓаат од странските пазари.
Сите овие показатели испраќаат јасна порака за сериозноста, стабилноста и долгорочната посветеност на „Реплек“ кон квалитетот.
Кои категории производи и кои пазари ги гледате како најголем потенцијал за раст во наредниот период, имајќи ја предвид стратегијата на „Реплек“ за проширување на меѓународното присуство?
„Реплек“ денес е присутен на 25 пазари, а нашата среднорочна цел е до 2030 година бројот на странски пазари да се искачи од моменталните 25 на 40 пазари. За остварување на оваа цел имаме јасна стратегија за интернационализација и континуирано проширување на портфолиото.
Во моментов сме конкурентни на пазарите на Европската унија, Адрија регионот, Евроазиската економска унија, Блискиот Исток, Африка, Југоисточна Азија и земјите од ЗНД, а нашата цел е дополнително зајакнување на позициите на постојните пазари и отворање нови можности за раст.
Кога станува збор за производните категории со најголем потенцијал, тие се разликуваат од пазар до пазар. Во таа насока, Северна Африка, Австралија, Канада и Јужна Кореја се издвојуваат како пазари што нудат значајни можности за раст на нашето портфолио и кои внимателно ги анализираме како дел од нашите развојни и извозни активности. Она што е важно да се истакне е дека благодарение на нашето широко фармацевтско портфолио „Реплек“ е во позиција да излезе во пресрет на специфичните потреби на одделни пазари.
Од пазарен аспект, особено перспективен е сегментот на производи наменети за превенција и поддршка на здравиот животен стил. Потрошувачите сѐ повеќе бараат производи со природно потекло и додадена вредност за нивната секојдневна добросостојба, што создава простор за развој на нови решенија и проширување на постојните портфолија. Во таа насока, производите врз база на медицински канабис се еден од клучните сегментите каде што веќе гледаме значаен потенцијал за понатамошен раст, како на домашниот, така и на меѓународните пазари. Ова се потврдува и на меѓународните фармацевтски саеми каде што континуирано учествуваме и каде што гледаме раст на побарувачката за овие производи, особено за маслата со ЦБД, како и нашата козметика на база на медицински канабис.
Токму затоа веруваме дека овој сегмент ќе остане еден од клучните двигатели на развојот и меѓународниот раст на „Реплек“ во годините што следат. (Н.В.)