Рение: ЕК ќе организира „стрес тест“ за социјалните мрежи пред германските избори


Европската комисија заедно со претставници на германските дигитални служби попладнево ќе одржи тркалезна маса со големите онлајн платформи посветена на претстојните федерални парламентарни избори во Германија, најави денеска портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение.  

– На неа ќе присуствѕваат Мајкрософт, ТикТок, ЛинкедИн, Гугл, Снап, Мета и Икс, информира Рение. 

Тој воено најави дека следниот петок ЕК ќе организира „стрес тест“, преку кој ќе се проверува како социјалните мрежи би реагирале на потенцијални сценарија поврзани со германските избори, во кој ќе бидат вклучени сите онлајн платформи присутни на денешната средба. 

На прашање што е тоа толку специфично со германските избори што ја натерало комисијата да реагира на овој начин, Рение рече дека ова не е прв случај и дека вакви подготовки биле преземени и пред ланските избори за Европскиот парламент. 

– Тоа беше многу успешно, така што постои волја и по барање на германските власти го правиме и сега, додаде Рение. 

Според него, ваквите мерки се преземаат со цел ЕУ да се осигура дека платформите располагаат со соодветни мерки за да се обезбеди да нема мешање и влијание врз изборите и дека тие да бидат слободни и фер и на нив ќе решаваат граѓаните. 

– Многу е јасно дека изборите се во национална надлежност и така и ќе остане, а оние што ние го правиме е во рамките на Законот за дигитални услуги само да обезбедиме дека платформите ги проценуваат и ублажуваат потенцијалните ризици, вклучително и по изборниот процес и граѓанскиот дискурс, додаде Рение.