Рекордни 364 новозаболени, болниците преполни со пациенти со Ковид-19
Во текот на последните 24 часа регистрирани се 364 случаи на Ковид-19, информираше министерот за здравство, Венко Филипче, додавајќи дека во моментов има и најголем број пациенти во болница, од јуни наваму.
Починати се 3 лица: од Охрид (73), Гостивар (62) и Радовиш (72).
Институтот за јавно здравје регистрира 106 оздравени пациенти.
„Есента дојде, состојбата е сериозна, Европа и светот постепено се затвораат со силни рестриктивни мерки. Како ние ќе се движиме зависи од една работа, однесувањето на граѓаните и почитување на мерките и препораките“, рече Филипче, посочувајќи дека здравствениот систем е подготвен.
„На сите инфективни одделенија во моментот се наоѓаат 414 пациенти со Ковид-19, што е највисок број досега хоспитализирани пациенти“, оцени министерот на прес-конференција.
На Инфективната клиника има 86 пациенти, во „8 Септември“ 40, во болницата во Козле има три хоспитализирани деца и две суспектни. Во сите болници во земјава каде се лекуваат пациенти со Ковид-19, има многу пациенти и тие секојдневно се зголемуваат.
Филипче рече дека може да се користат капацитетите на болницата во Кочани. Потоа, целосно е подготвено одделението во Кавадарци со 14 кревети.
Значаен број од обичните одделнија може да се преадаптираат за третман на пациенти со ковид во Тетово, рече Филипче.