Рекордната суша во Бразил откри мистериозни резби стари неколку илјади години
Историската суша што ја зафати бразилската река Амазон откри камени резби кои би можеле да бидат стари и до две илјади години.
На бреговите на Рио Негро се откриени петроглифи или праисториски цртежи на карпи, на кои се прикажани човечки лица, фигури и животни.
Резбите се откриени поради падот на нивото на водата на археолошкиот локалитет познат како Понто дас Лајес. Научниците проценуваат дека сликите биле врежани во каменот пред 1.000 до 2.000 години.
Овие резби првпат беа делумно откриени за време на силна суша во 2010 година, кога нивото на водата на Рио Негро падна на 13,63 метри, што во тоа време беше најниското ниво во познатата историја под ознаката од 13 метри.
Во некои области на Амазон од овогодинешниот јули до септември паднале најмалку врнежи од 1980 година, пишува британскиот весник, покажуваат податоците на бразилскиот национален центар за предупредување од природни катастрофи (Цемаден).
Бразилското Министерство за наука, технологија и иновации ја припишува овогодинешната суша на феноменот Ел Нино, кој предизвикува екстремни временски флуктуации.