Реконструирана улицата „Париска“ во Карпош со средства од Проектот за поврзување на локални патишта
Со средства обезбедени преку Проектот за поврзување на локални улици и патишта денеска завршува реконструкцијата на улицата „Париска“ во населбата Тафталиџе 1 во Општина Карпош.
За оваа улица инвестирани се осум милиони денари, а реконструиран е коловозот и поставени се сливници со цел да нема проблеми при врнежите од дожд.
– Се работи за реконструкција на коловозот на 5.700 метри квадратни. Граѓаните реагираа за условно кажано пролонгирањето на работите, меѓутоа успеавме заедно со службите и со Министерството за транспорт и врски да завршиме и со комплетно поставување на сливници и да се завршат сите прекопи на приватните компании кои ги имаа како потреба се со цел улицата да биде комплетно корисна и да не треба повторно да се прекопува и да нема проблеми при врнежи од дожд – изјави градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, кој денеска заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изврши увид во градежните активности.
Преку проектот за поврзување локални улици и патишта досега реконструирани се над 60 километри локални улици и патишта. Потпишани се меморандуми за соработка со над 30 општини низ државата, вклучувајќи и неколку општини од Град Скопје. Вкупните инвестиции во главниот град изнесуваат над 70 милиони денари.
– Со овој проект опфатени се многу улици во Скопје меѓу кои улицата „Рајко Жинзифов“ во општина Кисела Вода каде инвестираме 16 милиони денари, во општина Шуто Оризари девет милиони денари, а во Град Скопје наскоро ќе започне реконструкцијата на булеварот „Киро Глигоров“ со инвестиција вредна повеќе од 23 милиони денари. Исто така во општина Ѓорче Петров вложуваме 12 милиони денари – изјави министерот Бочварски.