Реката Драгор во Битола пресушува


Драгор кога поминува низ Битола и не личи на река, туку на поток (Фото: А. Блажевска)

Екстремната суша си го прави своето, без вода се и водотеците на Пелистер. Драгор низ Битола е претворен во поток полн со камења и трева

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Драгор, реката која минува среде Битола пресушува. Наместо вода, речното корито е преполно со камења и треви. Ваква суша битолчани одамна не паметат, иако летните месеци од секогаш биле критични за Драгор. Планинари велат дека лоша е состојбата и со водотеците и реките на Пелистер кои го полнат коритото на Драгор. Реката Драгор главно ја полнат водотеците на Сапунчица, Лак Поток, Црвена Река, Клисурица…  Вкупната должина на Драгорот изнесува 25 км, со обем на вододелницата од 67 км.

Само горниот тек на Драгор има добар квалитет и биолошка разновидност. Од Битола до утоката во Црна Река, Драгор е без никаков жив свет поради индустриско загадување на водата.

„Водотеците во потпелистерските села се во катастрофална состојба, нема вода и од тие причини нема вода ни во Драгор. Минимално што има вода влегува во каналот за акумулацијата ‘Стрежево’. Магаревска Река е само за потребите на селото, Цапарска Река има малку вода, а Ротинската е на граница, па и браната во Ротино не се полни. Сапунчица, Шемница се во лоша состојба. Сите реки се на граница на пресушување. Мал дожд да заврне на Пелистер изворите веднаш се полнат, ама не врне, а според прогнозите и нема ни да заврне за скоро. Оваа состојба се провлекува во последните години со потпелистерските реки. Кога одиме на планина е лошо, бериме вода капка по капка за да се напиеме“, вели Наум Бабука, планинар од Битола, добар познавач на состојбите кој речиси секојдневно се искачува на Пелистер.

Битолчани кои живеат покрај горниот тек на реката велат дека состојбата со водостојот на Драгор е лоша и загрижувачка, а поради намалените количини на вода во одредени периоди од денот се шири реа на застојана вода која има непријатна миризба.

„Реката е во лоша состојба, нема минимум вода за живиот свет, сѐ е камења и треви. Дали е од сушата или се прибираат водите од повеќето водотеци не знам. Застојаната вода смрди и на горештините не се поднесува“, вели Томе Димитриовски, жител на населбата Црн Мост.

Водотеците од потпелистерието што го полнат Драгор летово речиси и да немаат вода, па сликата во Битола е жална (Фото: А. Блажевска)

Од ЈП „Водовод“ Битола велат дека издашноста на река Драгор, која главно ги користи изворишта на река Сапунчица, Црвена Река, Лак Поток и Стара Бука директно е условена од нивната состојба. Во овој момент поради екстремно високите температури вкупната издашност на изворите е 340 л/с, од кои Сапунчица е со 200 л/с, другите во незавидна состојба.

„Вкупната издашност на зафатителните објекти варира (од 200 л/с, до 1000 л/с)  во зависност од климатските карактеристики, односно временските услови, така што при екстремно високи температури, какви што се денес, или екстремно ниски температури, издашноста на изворите значително се намалува, па затоа надополнување до потребните количини на вода ‘Водовод’ врши преку зафаќање на водите од ХС ‘Стрежево’, што значи дека градот е трајно обезбеден со квалитетна вода за пиење“, вели првиот човек на ЈКП „Водовод“ од Битола, Горан Козаров.

Од ЈП „Стрежево“ кое стопанисува со акумулацијата „Стрежево“ велат дека вода од Драгор не зафаќаат за акумулацијата, па ваквата состојба најверојатно се должи на долготрајната суша.

„Законски во јуни ЈП ‘Стрежево’ сите зафати за вода од потпелистерското сливно подрачје наместо во собирниот канал ги пренасочува во реките, во нивните природни корита. Исто и со реката Драгор. Целокупната вода од реката Драгор којашто се слива по коритото си тече по природниот тек. Вода од Драгор не зафаќаме. И не само од Драгор, туку од ниту една река од реките на Баба Планина, освен од реката Шемница која природно се влева во акумулацијата. Малите количини на вода на Драгор низ Битола можеби се од сушата“, вели Менде Граматковски, директор на ЈП „Стрежево“.

Годинава токму заради временските услови има зголемена потрошувачка на вода од акумулацијата „Стрежево“. Поради високите температури во мај и период на суша кога немаше заврнато дожд повеќе од 70 денови сезоната за наводнувањето во Пелагонија започна порано од вообичаено за 15 дена, односно на 15 мај.  На почетокот на сезоната „Стрежево“ имаше акумулирано околу 85 милиони м3 вода додека денес е со состојба од околу 58 милиони м3 вода.

„Може да се види дека во изминатиот период се потрошиле околу 27.000.000 м3 вода за сите водокорисници, а по Главниот канал се испорачува вода и по 8м3/сек. Тоа се големи количини на вода, но е одраз на променетите климатски услови и високите температури. Во неколку наврати апелиравме, а и сега апелираме до водокорисниците, рационално да ја трошат, но и да ја штедат водата во овие жешки денови“, вели Граматковски со надеж дека  претпријатието ќе имаме доволно количини на вода за оваа сезона.