Регионална награда за македонски зелен бизнис – од комиње прави прехранбен адитив
Македонската зелена идеја „Вајс адитив“ на Софија Дацева победи во категоријата „Зелени идеи – поддршка до 10.000 долари“ на деветтиот регионален натпревар на зелени идеи што годинава се одржа во он-лајн формат на 3-ти и 4-ти месецов. „Вајс адитив“ воедно стана седмата македонска зелена идеја која е наградена на регионално ниво.
Во текот на двата дена учесниците од седум држави се натпреваруваа во категориите „Зелени концепти – поддршка до 5.000 долари“ и категоријата „Зелени идеи – поддршка до 10.000 долари” за една од петте награди на натпреварот.
Покрај македонската идеја „Вајс адитив“, меѓународното експертско жири денеска за победници со поддршка до 10.000 долари ги прогласи и идеите „Чистење на Медитеранот (Mediterranean Cleanup) од Грција и „Градот и јас (City and Me)“ од Србија, додека поддршка од 5.000 долари добија идеите „Зелени школски денови (Green School Days)“ од Грција и „Рачни изработки Ринора (Rinora Handmade)“ од Албанија.
-Би сакала да изразам голема благодарност до целиот тим на АРНО за константната поддршка и шансата за учество на регионалниот натпревар. Наградите од националниот и регионалниот натпревар ќе ни помогнат да го оптимизираме веќе развиениот производ на мултифункционален адитив од комиње. Посебно сум среќна што ВАЈС Адитив беше избран како еден од победниците на Balkan Green Ideas 2020 и се надевам дека во иднина како земја ќе продолжиме да се движиме во насока на развој на бизниси кои имаат зелена компонента, изјави Дацева.
Речиси една деценија, натпреварот „Зелени идеи“ поддржува воспоставување и развој на успешни бизнис идеи во регионот на Западен Балкан и Грција. Овој регионален натпревар, исто така, постојано ја поддржува улогата на филантропијата во ангажирање на локалните заедници за развивање на зелени бизнис идеи што ги користат локалните ресурси и ги ревитализираат исчезнатите традиционални синџири на производство во локалните заедници. Ова е петти пат македонските зелени идеи да се наградени на регионално ниво. Досега вкупно седум македонски победнички идеи имаат освоено по 10.000 долари за реализација на зелените бизниси.