Реформата на јавната администрација се уште само на хартија


 Анализата на спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030, усвојувањето на годишните извештаи за 2023 и 2024 година и презентацијата на наодите од оценската мисија на СИГМА за напредокот на Република Македонија во областа на јавната администрација беа во фокусот на денешната втора седница на Советот за реформа на јавната администрација. 

Како што информира кабинетот на министерот за јавна администрација, седницата се одржа под покровителство на премиерот Христијан Мицкоски.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев нагласил дека реформата на јавната администрација е еден од клучните приоритети на Владата и директно поврзана со европската интеграција на земјата.

– Граѓаните очекуваат ефикасна, професионална и транспарентна администрација. Нашата задача е да создадеме систем кој ќе биде ориентиран кон резултати, а не кон бирократски процедури. Ќе се залагаме за администрација која ќе биде услужна, дигитализирана и ослободена од непотребни партиски влијанија, истакна Минчев.

Тој дополнително ги презентирал наодите од годишните извештаи за спроведувањето на реформската стратегија, нагласувајќи дека во текот на изминатата година е направен напредок во унапредувањето на административните процедури, зголемувањето на транспарентноста и воведувањето на дигитални услуги.

Претставникот на СИГМА Баграт Тунјан ги презентирал резултатите од оценската мисија за 2024 година, нагласувајќи дека Република Македонија покажува позитивни чекори во клучните реформски области, но и дека остануваат предизвици кои треба да се адресираат.

– Како заклучоци од седницата, Советот ги усвои: Годишниот извештај за 2023 година и Годишниот извештај за 2024 година за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација, кои ќе бидат доставени до Владата на разгледување и усвојување. Акциски план согласно препораките од Извештајот за мониторинг од оценската мисија на СИГМА за 2024 година, заедно со конкретни активности за подобрување на состојбите во јавната администрација, се вели во соопштението. 

Министерот за јавна администрација, како надлежен министер за координација на Стратегијата за реформа на јавната администрација, ја потенцирал потребата од поголема одговорност на институциите во спроведувањето на реформите.

– Реформата на јавната администрација не е политички маркетинг, туку суштински процес кој треба да донесе конкретни подобрувања за сите граѓани. Ова е нашата обврска, и нема да дозволиме овој процес да остане само на хартија, заклучи Минчев.

Министерството за јавна администрација најавува дека ќе продолжи со активна координација на реформските процеси со цел создавање на ефикасна, модерна и професионална јавна администрација која ќе биде во служба на граѓаните.