Речиси една четвртина од вкупната потрошувачка на енергија во ЕУ потекнува од обновливи извори


Учеството на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на Европската унија лани изнесувало 24,5 отсто, што е за 1,4 отсто повеќе во однос на 2022 година, објави денеска Евростат.

Како што се наведува, овој удел е за 18 отсто помал од посакуваниот удел од 42,5 отсто, што е целта што Европската унија сака да ја постигне до 2030 година.

За да може ЕУ да ја постигне оваа цел, уделот на обновливите извори треба да расте со годишна стапка од 2,6 отсто во периодот од 2024 до 2030 година.

Најголемо учество на обновливите извори во вкупната потрошувачка е забележано во Шведска и изнесува 66,4 отсто, потоа Финска 50,8 отсто и Данска 44,9 отсто.

Шведска се потпираше првенствено на цврсти биогорива, хидроенергија и ветерна енергија, слично како Финска и Данска.

Спротивно на тоа, најмал удел на обновливи извори на енергија е забележан во Луксембург со 11,6 отсто, Белгија со 14,7 отсто и Малта со 15,1 отсто, се наведува на веб-страницата на Евростат.