Рецензија: „Приказна за играчките“ (3Д-анимација)


Преминувањето од детството во светот на возрасните е голема тема во уметноста, иако таа историски се појави релативно доцна. Преовладува мислењето дека својата основа ја има во германската класика, онаа на Гете и Шилер. На пример, филмот со оваа тематика „(Нема веќе) Сјај во тревата“ на Елија Казан, исто така има поетска основа. Претходно преовладуваше мотивот за смртниот карактер на херојот – уште од времето на Гилгамеш. Овој анимиран филм, пак, се фокусира на тешкиот момент на човекот кога решува дека треба да е самостален.

Бидејќи оваа франшиза „Приказна за играчките“ (3Д-анимација) во режија на Џош Кули, со гласовите на Том Хенкс, Тим Ален, Ени Потс, Киану Ривс, Мел Брукс и Џоан Кјусак, за свои главни ликови ги има антропоизираните играчки, се потенцира дека сонот на секоја од нив е да има дете кое ќе ја сака. Но и овој стремеж можел да биде прекинат кога играчките ќе заклучеле дека им е време да живеат самостојно со други играчки. Но каде би било тоа место- на своевиден отпад за кукли? Не тоа би бил светот на вечната забава, оној на панаѓурите. Во претходниот продолжеток на франшизава (награден со „Оскар“ за најдобар анимиран филм) се зборува за тоа како играчките сакаат да останат кај своето дете, но тоа сфаќа дека мора да порасне и да оди на колеџ. Ги остава саканите играчки кај помало дете додека срцето на играчките се крши, како и на оставената мамичка. Која вели – ех ова беше собата на мојот син. Оваа анимација успеа да ја расплаче и најтврдокорната публика ширум светот доловувајќи ја неизбежната горчина на егзистенцијата. Да се потсетиме и подалеку – ова е прв дигитално анимиран филм и франшиза воопшто. Тогаш (во 90-тите) преовладуваше мислењето дека дигиталните продукции не можат сосема да ја оживеат природноста на движењата, затоа се бараа теми во кои движењата и во реалноста се нетипични. Така, освен оваа, се појавија дигитални анимации како „Мравки“ или „Инсекти“. Но сега е веќе апсолвирано дека треба да мине многу време и аниматорите да се извештат да прават сосема реалистични анимации. Така што, од оваа анимација се гледа дека стилизациите на сликата и сценариото сосема непречено функционираат дури и за најсофистицираната публика. Сценариото се базира на филозофското прашање – како ни се менува животот кога остануваме без оние што до вчера се грижеле за нас? Во филмот тоа се сопствениците, но се мисли на родителите. Така што пораката на филмов е онаа која беше само зачната во претходниот продолжеток – каков е животот на момчето кое отишло од дома во белиот свет, односно на колеџ? За режисер е избран некој од кремот на анимациите кој како отсекогаш да бил сраснат со овој занает и има извршувано најразлични функции – како толкувач на глас во оскаровецот „Горе“ па до многу други креативни ангажмани. Софистицираноста на оваа режија се состои во тоа што се потенцира емоционалната, душевна страна на ликовите, а што беше карактеристично и за сите претходни продолжетоци. Од основната верзија се присутни со гласовите Том Хенкс и Тим Ален, при што и сега ја задржуваат пластичноста, неформалноста на дијалошката линија која се состои од топлината на пријателствата и стравот од студенината на разделбите. Бидејќи тие се само играчки. Ним никој не им се восхитува, децата ги сакаат, но никој не ги прашува каде и со кого ќе бидат, а уште помалку – како им е. Токму како и луѓето.

За овој атрибут на филмов голема поддршка дава и музиката на Ренди Њуман. Од него ја имаме обработката од хитот од претходно, прекрасниот „за вистинските пријателства кои никогаш не изумираат“. Каква што е и нашата аура додека сè уште сме силни со духот, која е како кутијата за играчки. Сакаме да сме заштитени во нејзиниот безгрешен ентериер. Не сакаме да сме изложени на злото, како што одлично беше претставено тука преку преубавата, но најзлобна кукла која во сојуз со мафијата настојува некому да му ја украде машината за говор. Бидејќи без неа не може да најде дете кое ќе ја сака. Затоа на жртвата ѝ се претставува како најдобра пријателка и некоја што сака да помогне.

Игор Поп Трајков