Рецензија: „Дамбо“


Студијата „Дизни“ со десетлетија наназад беа критикувани од интелектуалците дека воделе сомнителна кадровска политика, со таа разлика што во нашава држава т.н. интелектуалци се замолкнати чеда на корупцијата, додека во САД тие се навистина она што се нарекуваат. Некој чијшто глас го слуша уморниот, преработен пуританец, а кои впрочем и по закон се должни да се грижат за доброто на граѓаните. Така тие имаат право дури и да влијаат врз приватниот бизнис и да го уништат доколку имаат аргументи дека тој не е од јавна полза, туку штета. Така на оние од „Дизни“ им беше замерено дека од алчност за задржување на мејнстрим публиката, ги запоставиле креативноста и иновативноста кои се темелници на една здрава нација. Многумина што се создадени во работилницата на ова студио морале да си заминат бидејќи одговорните мислеле дека не се вклопуваат во конзервативната продукциска политика.

Еден од нив е и режисерот на овој филм – Тим Бартон, со Колин Фарел и Дени де Вито во главните улоги. Иако беше оценет како генијален аниматор, оние од студиото мислеа дека од неговата анимација за Божик би се исплашиле и возрасните; за децата да не зборуваме. Но од тогаш кога беше избркан од „Дизни“ помина многу време, а критиките кон студиото не стивнуваа. Во меѓувреме режисерот стана татко. Се расположи да прави компромиси. Студиото „Дизни“, сакало-нејќело, мораше да си го оправи имиџот, односно кадровската политика. И еве, по многу години пак соработуваат. Го презентирав овој голем вовед зашто овој филм е резултат токму на овие креативни и бизнис превирања. Очигледно ова не е најдобриот филм на Тим Бартон, а не е ни најавтентичниот. Искрено не можам да разберам зошто вметнал цитати од Фелини, поточно многу од неговиот слатко-горчлив стил, кога самиот режисер располага со сопствен креативен арсенал кој е огромен. Фелини неколку дена кога бил мал побегнал со циркусот и тоа му направило неизбришливо креативно влијание. Оваа нова играна верзија на легендарната анимација како да е составена од два филма кои се неспоиви еден со друг. Едниот е бесчувствената атракција која произлегува од харизмата на отфрлените, а другиот е некаква медитеранска меланхолија присутна во циркусот „Медичи“. Првобитната анимација е единствената на „Дизни“ која беше направена според литературно дело, а не според бајка или басна. Се забележува едно инсистирање на литераризација на сценариото која не може да биде сосема остварена поради самиот комерцијален аспект на филмскиот хит. Така во сè се останало на половина пат. Најуспешни се сцените што изобилуваат со бизарна напнатост – поради кои на времето овој режисер беше прогласен за генијалец. Тука спаѓаат и сцени на ироничен начин преиначени од оригиналот од кои како особено успешна би ја издвоил онаа со накачените розови слонови, која е тука претставена со меури од сапуница во форма на слонови.

Актерите се на едно многу високо професионално ниво. Особено истакнувачка е ролјата на Дени де Вито, кој толкува лик чиешто време како да не тече. Тоа е некој што сраснал со циркусот. Дури и не би морал да биде човек туку би можел да биде и онаа машина за шеќерна волна. Мотивот од првата верзија е добро опфатен, а тој е дека на секоја рожба местото ѝ е покрај мајката. Но посакуваниот емотивен набој изостана. Него го имаше во класичната аналогна анимација, која успеваше да ја долови шармантноста на детската сочувствителност. Во игранава верзија, пак, е препотенцирано отсуството на подадената рака, така што целиот филм минува во чувство на помраченост, освен самиот крај. Разрешницата според мене е неоснована, бидејќи цело време гледаме ликови што не покажуваат солидарност (со исклучок на двете деца), така што кога таа ќе се појави тоа изгледа блазирано.

Игор Поп Трајков