Ребаланс или немање баланс?


ЗДРАВКО САВЕСКИ

Има низа причини зошто редовно во Македонија има слаб интерес во јавноста кога се носи буџетот или кога се прави ребаланс. Прво, многу често, некој друг политички настан го одвлекува вниманието на јавноста. Во случајов, мегаскандалот „Рекет“ и обидите на власта да ја „менаџира“ својата „невмешаност“ во него. Второ, сувопарноста и обемноста на податоците, поради што аналитичарите обично милуваат да не трошат време за нивна анализа, преферирајќи теми кои бараат помал напор. Трето, која е поентата од анализата? Имаме демократска власт, која е подготвена да го слушне гласот на стручната и општата јавност? Да, ако сакаме да се лажеме.

Пред да преминам на анализа на некои аспекти на предлог-ребалансот, сакам да посочам на еден „куриозитет“. Имено, Владата го усвои предлог-ребалансот само неколку дена по изборот на новата министерка за финансии Нина Ангеловска. Тоа кажува дека Владата изгласа предлог-ребаланс, кој не беше подготвен од нејзина страна. Ја знаеме причината. Заев доби луда идеја да биде и министер за финансии, но ретерира по притисокот од стручната и општата јавност и по реакцијата на Антикорупциската комисија. Па, дури се подготвуваше ребалансот, немаше министер за финансии. Самиот факт дека владата подготвуваше ребаланс без да има избрано министер за финансии индицираше дека Заев ќе бара министер кој само ќе клима со главата и кој ќе биде извршител на желбите на оние што навистина ги држат уздите на економската политика на владата: газда Зоки и газда Кочо. И, очигледно, тие во Ангеловска ја најдоа својата англиска кралица на чело на Министерството за финансии. Она што навистина не го разбирам е зошто Анѓушев не е назначен за министер за финансии? И така тој е фактичкиот министер за финансии. А по отстранувањето на Тевдовски, тоа уште повеќе ќе биде така.

Да го видиме предлог-ребалансот што не го подготви новата министерка за финансии. Катастрофалната нереализација на капиталните инвестиции е многу силна потврда за неспособноста на оваа власт. Лани се вадеа со промената на името на државата, поради што економијата, како помалку важна, ја ставија во втор план. Оваа година Заев ја најави како година на економијата. И? Ќе заврши годината, а од економскиот исчекор, очекувано, ниту трага. Како може да биде различно ако дури и капиталните инвестиции што самите ги предвидоа не ги реализираа?

Најголемата новина на ребалансот е што државата ќе плаќа придонеси за газдите што ќе им ги зголемат платите на работниците до 6.000 денари. Можеби на прв поглед мерката се чини добра, но штом ќе се види контекстот и деталите – не ќе да е така. Мотивацијата на власта за мерката е да се дестимулира исплатата на дел од платата „во плик“. Ова е многу раширен проблем. Според „Фајнанс тинк“, во 2017 година 18 отсто од работниците добиле плата „во плик“. Притоа, дури 62 отсто од работниците осигурани на минимална плата добиваат и плата „во плик“. А поради воведувањето на прогресивниот данок, можно е дополнително газди да се дрзнале тоа да го прават.

 

Во однос на овој проблем власта треба да реагира, но не преку – наградување на прекршителите на законот! Еве за што се работи. Дел од газдите им кратат на работниците од нивните бруто плати, не уплаќајќи им придонеси за социјално осигурување. Тие пари ги задржуваат за себе, дополнително богатејќи се на работничка сметка. И притоа ја нарушуваат стабилноста на Фондот за пензиско и здравствено осигурување, преку кршење на законот, кој налага плаќање на придонеси и персонален данок на целиот износ на платата. И сега, Владата планира не само да не го казни непочитувањето на законите, туку и таа, со парите на граѓаните, да го надомести неплаќањето на придонесите, а парите што газдите им ги ускратиле на работниците, да останат во џебовите на газдите.

А како да го толкуваме овој „детаљ“ од ребалансот? Иако приходите во буџетот по основ на данок од доход, од добивка и од капитални добивки е проектиран на ист износ како претходно, приходите од придонеси за социјално осигурување се намалени за дури 856 милиони денари. Со оглед на тоа што Владата планира да издвои 400 милиони денари за оваа своја мерка, намалувањето на вкупните приходи во буџетот за овој износ е јасно. Но на што се должи намалувањето на останатите 456 милиони денари? Дали тоа значи дека власта очекува практиката на исплата на дел од платата „во плик“ да продолжи и дека тоа го вкалкулира во ребалансот?

Да ги видиме и останатите бисери на предлог-ребалансот. Покрај капиталните инвестиции, најмногу ќе настрадаат финансиите на Министерството за образование и наука (кое отиде 843 милиони денари во минус), додека министерството кое најмногу ќе се офајди е Министерството за внатрешни работи (кое ќе добие дополнителни 288 милиони денари). Кога помалку пари се даваат на образование, а повеќе на полицијата, кој може да се сомнева дека државата оди во правилна насока? Вреди да се спомне и тоа дека буџетот за МВР никогаш не бил повисок, податок кој треба да го поздрави секој демократски настроен граѓанин! Штета што Заев не најде за сходно да се пофали со ова големо остварување на својата влада. Несомнено ќе добиеше аплауз на отворена сцена.

Кај образованието, особено треба да се потенцираат две работи. Прво, со предлог-ребалансот се предвидува намалување на буџетските средства за плати и надоместоци. Најмногу во високото образование, па во средното, а власта успеа да „заштеди“ и на сметка на платите во основното образование. Бидејќи не станува збор за намалување на платите на вработените во образованието, најверојатно се работи за намалување на бројот на вработени во образованието. Впрочем, зошто да се вработуваат нови професори? Нели целта е да се намали бројот на вработени во јавниот сектор?

Вториот „успех“ на власта на овој план е новото рушење на рекордот за најслабо финансирање на науката. Кога СДСМ дојде на власт, во буџетот за 2017 година беа предвидени минорни 0,30 проценти од буџетските средства за наука. Иако науката ни е на катастрофално ниво, иако науката треба да придонесе и за економскиот напредок на граѓаните, иако со многу малку пари можеше да се дуплира овој процент на издвојување на буџетски средства за наука, СДСМ во 2018 година – ги намали овие средства на 0,20 отсто од буџетот. Но, очигледно и ова им беше многу, па во буџетот за 2019 година ги намалија буџетските средства на 0,18, а со ребалансот планираат редуцирање на 0,16 отсто. Барем од 2003 година наваму, ниту еден буџет не предвидел помал процент на буџетски средства за науката!

Намалувањето на средствата не го погоди само Министерството за образование и наука. Настрадаа и Министерството за труд и социјална политика и Министерството за земјоделство и шумарство и Министерството за здравство. Факт што исто така многу зборува за „социјалните“ приоритети на несоцијалдемократската влада на власт. Поради немање простор, ќе издвојам само еден податок. Во здравството, за амбулантите во руралните подрачја, согласно буџетот за оваа година, беа планирани да се издвојат бедни 50.000 евра. Со предлог-ребалансот овие средства се сведени на – една голема НУЛА.

Кога една Влада ќе предвиди рекордно високо ниво на буџетски средства за МВР, истовремено рушејќи го рекордот за најниско издвојување за науката, кога крати во образованието и здравството, кога крајно ноншалантно и препотентно ќе впише нула за амбулантите во руралните подрачја, знаете дека нешто темелно не е во ред со таа влада.