Реакција на ТИТАН Усје: Сите мерења покажуваат дека нема отстапувања од законски дозволените лимити


 

Компанијата ТИТАН Усје реагираше на информациите во медиумите околу степенот на загадувањето, при што нагласува дека таквите твдења се целосно неосновани и невистинити. Изјавата на ТИТАН Усје ја пренесуваме интегрално:

„Целосно ги отфрламе неоснованите обвинувања кон ТИТАН Усје, кои се невистинити и не се засноваат на измерени научни податоци и факти. За жал, и овој пат компанијата се користи како изговор, иако реалните, научни и мерливи факти јасно укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место.

Имено, работењето на ТИТАН Усје е под 24-часовен независен мониторинг, а сите податоци од мерењата се јавно достапни. Покрај нивното доставување до надлежните институции, кои имаат и независен увид, податоците од мерењата редовно се споделуваат со медиумите и со невладиниот сектор. Сите мерења покажуваат дека работењето на компанијата е под законски дозволените лимити.

Последното контролно мерење беше извршено вчера (18 декември 2025 година) од страна на Државниот инспекторат за животна средина, при што инспекторите утврдија дека нема отстапувања од законски дозволените лимити.

ТИТАН Усје работи согласно законските прописи и А-еколошката дозвола, која е под надзор и контрола на Министерството за животна средина и во која прецизно се дефинирани сите параметри што се однесуваат на заштитата на животната средина.

Тврдењето дека нашата компанија е поврзана со квалитетот на воздухот е целосно неосновано и паушално и се потпира на претпоставени вредности од софтверски апликации кои не се засноваат на верификувани методи за мерење од ваков тип и затоа не можат да се сметаат за релевантен извор, ниту во нашата земја, ниту во Европската унија.

ТИТАН Усје ќе продолжи да работи согласно законските норми, со одговорен и транспарентен однос кон сите засегнати страни“, се вели во изјавата на компнаијата.

Инаку, од компанијата редовно ги споделуваат податоците од направените мерења. 

Во информацијата од денеска се вели дека Емисиите од работата на ТИТАН УСЈЕ постојано се под граничните вредности определени со Закон

„Од 2007 година, емисиите на ТИТАН УСЈЕ се мониторираат 24 часа, 365 дена во годината од страна на независен, автоматски систем за мониторинг (вкупна прашина, SO2 и NOx), кои се контролирани од страна на надлежните органи. Компанијата не е во можност на каков било начин да влијае врз резултатите“, се вели во информацијата, при што се додава дека производството запира доколку филтрите не работат, односно дека технолошкиот процес оневозможува работа на погонот без работа на филтрите.      

                        

„Паралелното мерење на амбиенталниот воздух (PM10 честички) во кругот на ТИТАН УСЈЕ не покажува меѓузависност со состојбите со амбиенталниот воздух измерени на други мерни станици, надвор од цементарницата“, се додава во информацијата.

Од компанијата исто така посочуваат дека ТИТАН УСЈЕ поради технолошки и деловни причини работи во текот на целото денонокие. Печките или работат континуирано (24 часа) или не работат, како и дека поради поголемата сезонска побарувачка на цемент, производството е поголемо во текот на летните месеци, отколку во зима.

ТИТАН УСЈЕ ги поканува сограѓаните, невладините организации, граѓанските групи и медиумите да ја посетат компанијата во кое било време и да добијат одговори на сите прашања од јавен интерес“, велат од компанијата.