Реакции: Заради мешањето на Курти Албанците може да останат со ништо по изборите


 

Изборите во Македонија се следеа со големо внимание на Косово поради одлуката на косовскиот премиер Албин Курти отворено да се замеша и да застане зад коалицијата „Вреди“ на Арбен Таравари. Она што сите прашуваат е што доби Косово од тоа мешање, освен што му наштети на кандидатот на СДСМ, која пак им даде премиер на Албанците, се залагаше за „едно општество за сите“ и за влез во ЕУ, како што сакаат Албанците во Македонија.

Ова прашање може да се постави и на ДУИ, која со својата кампања ги издевалвира сите успешни проекти на СДСМ и му помогна на ВМРО-ДПМНЕ да освои повеќе гласови  правејќи европски фронт само со албански знамиња.   

„Курти беше активно вклучен во изборите кај нашите соседи. Неговите министри присуствуваа на митинзи за ‘неговиот’ албански кандидат. Менаџери на кампањата во Македонија беа активисти на Курти од Албанија и Косово. Официјалните советници на Курти се кандидати за пратеници. Доста невидено мешање“, реагираше денес Петрит Селими, поранешен министер од Демократската партија на Косово.

За него клучно прашање е што се доби од сето тоа на крајот?

„Бујар Османи, кој беше одличен министер за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ, освои 120.000 албански гласови. Кандидатот на Курти доби значително помалку, околу 83.000. Што доби Косово? Ништо. Само создавање гнев кај етничките Македонци“, смета Селими. 

„Бесрамното мешање на Курти во македонските избори го ослабна умерениот актуелен македонски претседател и тој во првиот круг загуби со поголема од очекуваната разлика. Зошто се мешаше? Албанците во Македонија забележаа напредок во својата позиција. Дури имаат и премиер сега. Придружбата на Курти, слично како и во нивната кампања и тактика во Косово, брутално ги напаѓаше ДУИ, ДПА и другите албански партии. Тие прибегнаа кон прозивки, а Али Ахмети особено беше нападнат дека е просрпски (иронија, бидејќи Ахмети беше коосновач на ОВК)“, посочи Селими.

Дилемата за него е како Курти  ќе се сретне сега и ќе разговара со победничките албански политичари во Македонија по ваквата валкана и негативна кампања во соседната земја, НАТО членка?

„Тоа е толку опасно и воспалително. И во многу аспекти го отсликува она што Србија го прави во Косово. Се надеваме дека резултатот ќе стави крај на оваа авантура“, пишува Селими.

И шпанскиот експерт за Балканот, Рение Јаарсма смета дека расколот во албанскиот блок ги намалил  бројките на СДСМ во првиот круг.

„Со оглед на тоа што на изборите се судрија двајца кандидати на Албанците, беа помали шанси да го поддржат СДСМ. За победа во вториот круг на Пендаровски ќе му треба целосно комбиниран албански глас и околу 40% од гласовите на ЗНАМ и Левица, што е невозможно“, оценува тој. Сега, смета тој, стана поизводливо  ВМРО-ДПМНЕ да добие мнозинство без албански коалициски партнер, бидејќи претворено во пратенички мандати, комбинацијата ДПМНЕ+ЗНАМ се приближува до прагот од 61 пратеник (тие освоија  49,34% според последното пребројување).