Разрешен директорот на Клиниката за токсикологија д-р Данил Петровски, Илјази останува
По скандалите кои ја тресеа Клиниката за токсикологија, дека на работа доаѓале луѓе чиј договор завршил уште кон крајот на минатата година, јавноста очекуваше да биде разрешена економската директорка Бесија Илјази, но министерот во заминување реши да го разреши медицинскиот директор д-р Данил Петровски.
-Ве информираме дека денес на 14.5.2024 година е разрешен медицинскиот директор д-р Данил Петровски кој во моментов користи годишен одмор, иако повеќето поплаки се однесуваа на економската директорка Бесија Илјази, па јавноста очекуваше минимум нејзино разрешување, стои во дел од соопштението.
Во продолжение интегралниот текст од сооштението:
Пред повеќе од 20 дена, д-р Нико Беќаровски заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија јавно го кренаа гласот против самоволието на економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Илјази. Докторите велат дека таа не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, туку да се вработат 18 лица на кои им истекоа договорите за дело на 31.12.2023. Меѓу нив имало лица кои немаат соодветно образование. Eдниот од нив, болничар, вршел притисок врз лаборантот урина во која имало наркотици, да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.
Веднаш по прес-конференцијата на лекарите, министерот за здравство Илир Демири најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, но не и економската директорка бидејќи немал сознанија за прекршок. На новинарско прашање какво образование има Илјаази, министерот рече дека има високо образование, но не знае какво.
Преку писмо до медиумите вчера реагираа вработени од оваа Клиника, и рекоа дека в. д. организациската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Илјази го зголеми долгот на инстутуцијата, не доаѓа на работа и не потпишува клучни документи. Илјази беше назначена на 14 февруари, на ден пред формирање техничка влада, а вработените реагираат дека била поставена иако не ги исполнува условите пропишани со закон за директори, и оттогаш се случува дезорганизација, а не организација.
„Испратив Трудов инспекторат и Државен санитарен и здравствен инспекторат да ги проверат вчерашните наводи од писмото на вработените од Токсикологија“, рече Демири.