Разбојниците во Гостивар украдоа злато вредно 1,8 милиони евра


Запалениот џип со кој разбојниците побегнаа

 

Грабежот беше филмски, вредноста на украденото злато уште пофилмска.

Четворица разбојниците пред очите на минувачите влегоа во златарница во центарот на Гостивар, многу брзо украдоа 18 килограми злато во вредност од 1,8 милиони евра и избегаа со џип „бмв“. Сето тоа беше снимано од минувачи.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека четирите лица со маски и автоматско оружје извршиле разбојништво во златарница која е во сопственост на С.Ж. од Гостивар. Петнаесетина минути по пријавата, на регионалниот пат Мавровска крстосница е пронајдено опожареното возило, а при вршење на увидот, во возилото било пронајдена автоматска пушка со бајонет.

„По наредба на јавен обвинител возилото е однесено во кругот на Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гостивар. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот“, велат од МВР.

Според неофицијални информации, за време на бегството, разбојниците поставиле бодликави жици на неколку локации низ градот за да го попречат движењето на полицијата.