Раст на БДП во вториот квартал од 3,4 проценти

Бруто-домашниот производ во второто тримесечје од 2025 година е зголемен за 3,4 отсто во однос на истото тримесечје од 2024 година, објави денеска Државниот завод за статистика.
Во второто тримесечје од 2025 година, поголем пораст е забележан во секторите: Градежништво од 7,3 отсто, Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; Транспорт и складирање; Објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 6,0 отсто и Рударство и вадење на камен; Преработувачка индустрија; Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација; Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината од 3,9 отсто.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги и непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во второто тримесечје од 2025 година, номинално расте за 6,1 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ е 68,5 отсто.
Во истиот период извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 6,4 отсто, а увозот на стоки и на услуги исто така бележи зголемување во номинален износ од 7,3 отсто.
Според сезонски и календарски прилагодените податоци, стапката на раст на бруто-домашниот производ во второто тримесечје од 2025 година во однос на второто тримесечје од 2024 година е 3,2 отсто, се наведува во соопштението од ДЗС.
Во првиот квартал годинава растот на БДП изнесуваше 3 отсто, при што најголем пораст забележаа градежништвото од 7,1 отсто, а повисока стапка на раст имаше и преработувачката индустрија од 3,7 отсто. Според трошочниот метод, бруто инвестициите забележаа реален раст од 18 отсто, финалната потрошувачка од 1,9 отсто, увозот 5,8 отсто, а извозот на стоки и услуги скромни 1,2 отсто.
Заедно со резултатите од вториот квартал, македонската економија веќе четврто тромесечје по ред бележи позитивни стапки на раст од три или повеќе отсто.