Рашиќ се противи на Курти за мостот на Ибар: Неразумно е да се загрози напредокот во северно Косово
Министерот за заедници и враќање во Владата на Косово, Ненад Рашиќ, се изјасни против отворањето на мостот на реката Ибар, кој го дели градот Митровица на јужен дел, населен со албанско мнозинство и северен со мнозинство Срби, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ваквиот став на Рашиќ, кој е од редовите на српската заедница во Косово, е сосема спротивен од оној на неговиот шеф, премиерот Албин Курти, кој веќе неколку недели изјавува дека мостот треба да се отвори и за сообраќај на возила, освен за пешаци, како што е сега.
Министерот за заедници и враќање изјави дека не му изгледа разумно со отворањето на мостот на Ибар да се загрозува напредокот во развојот на косовските институции на север.
„Не гледам дека е разумно да се загрози овој напредок во развојот на институциите, напредок во интеграцијата на можеби дел од Србите на север, но значајна интеграција, а не импровизација на интеграцијата каква што имавме во минатото“, изјави Рашиќ за телевизијата Клан Косова.
Тој се осврна и на најавите за блокирање на граничните премини со Косово од страна на Србите од Србија, оценувајќи дека тоа е бесмислено.
„Таа работа нема никаква смисла, бидејќи на крајот најмногу ќе бидат оштетени српските граѓани во Косово“, рече Рашиќ.