Рама: Новиот пристап изнесен во заедничкиот текст со Вучиќ не подразбира откажување од членство во ЕУ


Албанскиот премиер Еди Рама  изјави дека заедничкиот текст, што со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, неодамна беше објавен во германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, во кој се предлага нов пристап за интеграција на Западен Балкан во Европската унија, не подразбира повлекување од процесот за членство во ЕУ.

-Тоа е чекор кон отворена дебата и размислување за членството на земјите од регионот во Европската Унија, нагласувајќи дека  унијата и покрај своите цели за проширување, се соочува со внатрешни предизвици што го отежнуваат процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан, изјавил Рама, објавија албанските медиуми.

Тој оцени дека некои земји-членки немаат капацитет да се справат со најновите одлуки и убедливо “да се расправаат пред јавното мислење, што често покажува скептицизам кон проширувањето”.

Според него дури и ако некои земји не се подготвени на време, процесот не треба да остане заложник на оваа ситуација.

-И постојано повторувам дека Европската Унија, земјите-членки на ЕУ, а особено некои од нив, немаат капацитет да се справат со последниот момент. Да излезат пред своите луѓе и да кажат дека ќе ги земеме другите земји. Овие земји мора да бидат подготвени, да се расправаат и да се справат со јавното мислење кое  е против проширувањето. Она што може да се случи е сите земји да бидат подготвени, и одеднаш, 2-3 земји за кои се знае кои се, може нема да го најдат овој капацитет, што значи дека процесот може да остане заложник на овој факт. Плус, динамиката на ЕУ е многу непредвидлива поради внатрешната политичка динамика, посочил Рама, наведуваат медиуми.

Ова е прва реакција на Рама откако во заеднички авторски текст за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, со српскиот претседател Александар Вучиќ, нагласија дека не инсистираат на членство во Европската Унија, туку на прием на нивните земји во единствениот европски пазар и Шенген зоната.

„Многу Европејци се прашуваат дали ЕУ може ефикасно да функционира со значително повеќе членови, а загриженоста за донесувањето одлуки, институционалната рамнотежа и политичката кохезија е легитимна. Не сме наивни, тие аргументи имаат тежина“, пишуваат меѓу другото Рама и Вучиќ.

Затоа тие се залагаат за заобиколување на стапицата на вето со тоа што ќе им се дозволи на земјите кандидати што ги исполнуваат условите, барем засега, да се приклучат на единствениот европски пазар и Шенген зоната, наместо да бараат полноправно политичко членство во ЕУ.