Радовиш по 90 години ја обновува и модернизира Противпожарната станица


Радовиш ја реконструира и ја обновува противпожарната станица првпат по 90 години со пари од унгарскиот кредит, а општините Босилово и Василево поставуваат смарт табли и асфалтираат улици.  Во двата повици, за нивните проекти, овие три општини добија нешто повеќе 8,1 милион евра од парите од унгарскиот кредит.

„Ми претставува задоволство што Владата обезбеди средства покрај двата јавни конкурси, со цел другите проекти не само да не стагнираат, туку и да се засилат и да продолжат да се реализираат преку програмите кои се под надлежност на Министерството за локална самоуправа и се спроведуваат од страна на Бирото за рамномерен регионален развој“, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, при денешниот преглед на градежните работи на реконструираната зграда на ТППЕ Радовиш и на проекти во општините Василево и Босилово.

Тој нагласи дека општините Радовиш, Босилово и Василево, заедно од првиот и вториот јавен конкурс, ќе добијат речиси 500 милиони денари за спроведување на проекти кои значително ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните.

На новинарско прашање дали Владата планира да ги зголеми финансиите за Центрите за развој на регионите, министерот Перински одговори дека Владата размислува како да им помогне не само на Центрите, туку и на локалните самоуправи.

„Креиравме еден нов проект, кој го нарековме „Ресурсен центар“ и тој е препознаен од швајцарската амбасада како дополнителен донатор и од Делегацијата на ЕУ, а и Владата донираше средства во рамки на УНДП, кои ќе се имплементираат и ќе бидат финансиска поддршка на овој „Ресурсен центар“, кој ќе им биде на располагање на сите градоначалници во насока на надминување на сите предизвици со кои се соочува општинската администрација.“

„Тоа е првиот аспект кој е многу битен, а вториот, можам слободно да го објавам, веќе од следната година ќе почнеме со ажурирање на базите на даночни обврзници.“ Централната власт ќе го финансира овој проект и во претстојниот период, постепено, нормално, на сите градоначалници и на сите општини кои сакаат да учествуваат во оваа соработка ќе им се ажурираат базите на даночни обврзници, со што ќе им се зголеми приходот од сопствени извори на финансирање, посочи Перински.

Според директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Ѓоко Камчев, денешниот ден е промотивен за проектите кои се реализирани до средината на оваа година, поточно за реализација на проектот „Енергетски ефикасен регион“, во кој беа вклучени три општини. Тој најави и нов проект за инсталирање на термална камера во соработка со Република Грција, а камерата ќе биде инсталирана на зградата на Општина Босилово и со неа ќе бидат покриени целосно Босилово и Василево, а Струмица со 85 отсто и една третина од територијата на Општина Радовиш.

За реализираните проекти говореа и градоначалниците на Радовиш, Босилово и Василево.

За градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, значајно е што зградата на пожарникарите се реконструира и се опремува прв пат по 90 години и со новите простории пожарникарите ќе имаат подобри услови за работа.

Министерот Перински го посети ОУ „Гоце Делчев“ во Василево, каде се поставени смарт табли и е асфалтирана улица во село Пиперово, а изврши увид на активностите на локалниот пат во селото Бориево во Општина Босилово.