Радоста на живеењето е иста – и во Слоештица и на боемската улица „Ру Муфетар“ во Париз: Интервју со Сергеј Андреевски, ликовен уметник

Некогаш, амбиентот е уште побитен отколку гените, бидејќи вие растете, се градите во тоа опкружување. Околу мене секогаш имаше многу книги, многу уметност и најразлични и големи уметници, вели Сергеј Андреевски во интервју за „Независен'


Фото: Б. Грданоски

 

„Паметам многу важни моменти од  минатото, но не се обѕрнувам назад, грабам напред; и во уметноста и во животот. За мене, јубилеите се еден вид роденденски прослави – денес славите, веќе утре продолжувате понатаму. Убавината на тие прослави е што ја споделувате радоста со пријателите, а во случајот со творечките јубилеи, ја споделувате радоста со пошироката публика“, вели Сергеј Андреевски во интервју за „Независен“ по повод ретроспективната изложба „Хартии“ во Музејот на македонската борба за самостојност со која слави 35 години творечка работа. Сликите, цртежите и скиците се прошетани на неколку континенти, но никогаш до сега не биле изложени пред македонската јавност.

Зошто ја слави уметноста на хартија, а не на платно, на што го научиле патувањата низ светот, колку гените и амбиентот што е син на великаните на пишаниот и поетскиот збор – Петре М. Андреески и Светлана Христова Јоциќ биле пресудни да биде уметник, во продолжение на интервјуто.

Фото: Б. Грданоски

Слоештица, виа Скопје до Америка и Африка… Вашата уметност патува, истражува, допира и реагира експресионистички настроени – историски и современи правци. Зошто вашиот 35. јубилеј ја слави уметноста на хартија, а не на платно?

Моите сликарски почетоци се случија на 4-годишна возраст. Тие детски сликарски истражувања беа на хартија. „Шкрабањето“ на хартија отсекогаш ме правело среќен. Хартијата ослободува и охрабрува. Ја зедов токму 1987 година како симболична за 35-годишниот јубилеј бидејќи тогаш бев на студиски престој во Рим и работев главно на хартија. Тој мој судир со западната цивилизација беше значаен пресврт за моето творештво и воопшто, за мојот живот. На дланка ја имав големата италијанска култура и историја: во Фиренца бев занемен од сликата „Пролет“ на Сандро Ботичели, робустната римска архитектура остави во моите потези траги што и денес се забележуваат. Патувањата низ светот ме научија да бидам покритичен кон сопственото творештво. Јас никогаш нема да прекинам со патувања и истражувања, тие ги полнат моите креативни батерии.

 

Има ли  разликата меѓу уметноста насликана на хартија од онаа на платно?

Нема! И во Лувр, постојат ремек дела на хартија, додека пак на улица секојдневно наидуваме на улични продавачи што нудат лоши слики на платно.

Разликата меѓу платното и хартијата, кај мене е повеќе во пристапот. На платното секогаш му приоѓам со поголем пиетет и респект, додека со хартијата се чувствувам многу послободен, повеќе спонтан. Би ја издвоил јапонската рачно изработена хартија којашто е буквално рамноправна со платното бидејќи наликува на свила. Не случајно, мојот јапонски ментор, Надајуки Хасегава, велеше: „Ова е душата на Јапонија!“

 

Ја сликате радоста на живеењето. Не бирате дали сте на гала настан, на патувањата во авион, автобус, воз, на брод, сами или во друштво, во Демирхисарско или во Париз. Што е тогаш поттик за вашето сликање?

Јас на животот му приоѓам со радост; ги сакам луѓето, животните, ја сакам природата. Сето тоа се таложи во мене. Доволно е да истурам боја на платното или на хартијата и талогот се раслојува и создава цел еден свет. На пример, таа радост на живеењето е подеднаква и на планината во Слоештица и на боемската улица „Ру Муфетар“ во Париз. Поттикот е во зеленото пространство околу мене во Слоештица или пак во испреплетениот џагорот на пазарџиите со музиката од уличните свирачи на Париз.

Фото: Б. Грданоски

На изложбата се присутни дела создадени уште во вашите рани студентски денови (од 1983 година) па сѐ до последните патувањата низ светот. Како еволуираше вашето творештво?

Еве, повторно ќе нагласам дека ако ја користев математиката, јубилејот е многу поголем. Но, ја зедов 1987 год. во чест на моето суштинско студиско патување во Италија. Со кураторот на мојата изложба, д-р Кирил Пенушлиски, одлучивме да ги анализираме и моите дела од времето на студиите. Интересно е како мојата ќерка, Воскресија, којашто го дизајнираше каталогот, беше инспирирана токму од таа еволуција па ги споредува делата создавани во различни периоди на иста тема. Во моето творештво има теми коишто ми се омилени и несвесно се повторуваат. Но, низ годините, се забележува разлика во сликарскиот израз, во експериментирањето. Отсекогаш сум се стремел во делото да доминира ликовниот елемент, а експресијата е секогаш различна и кога паралелно би работел на иста тема, на 10 хартии или платна.

 

Може ли  на изложбата да се види, да се почувствува сета таа насобрана творечка енергија од изминатите три и половина децении ?

Јас би рекол – може само да се наслути, бидејќи просторот во Музејот беше недоволен за да се изложат сите дела што заедно со Пенушлиски ги селектиравме. Сепак, јас бев сигурен дека во тој простор, иако не е класичен галериски простор, делата од хартија може да оживеат. А токму тоа го потврди и публиката.

 

Колку јубилејот го тера уметникот да гледа назад, а колку напред?

Јас, како човек, секогаш гледам напред. Паметам многу важни моменти од  минатото, но не се обѕрнувам назад, грабам напред; и во уметноста и во животот. За мене, јубилеите се еден вид роденденски прослави – денес славите, веќе утре продолжувате понатаму. Убавината на тие прослави е што ја споделувате радоста со пријателите, а во случајот со творечките јубилеи, ја споделувате радоста со пошироката публика.

 

Што понатаму?

Веќе денес ги пакувам, овој пат платната од мојот најнов циклус „Македонската азбука“ за следната изложба што ќе се случи во Белград, во чест на Св. Кирил и Методиј. Во јули следува патување во Њујорк каде што ќе учествувам на групната изложба „4 за Њујорк“, а паралелно работам на нов циклус „Велосипедисти“…

Фото: Б. Грданоски

Дали гените и амбиентот што сте син на великаните на пишаниот и поетскиот збор – Петре М. Андреески и Светлана Христова-Јоциќ ве определи и самите да бидете уметник, ама не на пишаниот збор?

Секако дека гените се пресудни во многу случаи, па и во мојот. Некогаш, амбиентот е уште побитен отколку гените, бидејќи вие растете, се градите во тоа опкружување. Околу мене секогаш имаше многу книги, многу уметност и најразлични и големи уметници. Јас пораснав во Драмски театар, „Кај Јоле“ – култната кафеана под седиштето на Друштвото на писателите на Македонија. „Кај Јоле“ се збираше македонската елита: Гане, Анте, Гапо, Гешо, Ацо Јовановски – Снагата, Мазев, Чемерски, Божиков, Радован Павловски, чичко Тодорче… Да се биде во друштво и да се разговара со овие ликови е и привилегија, но и еден вид магистратура. Посебно влијание во подоцнежните студентски години извршија мајка ми и нејзиниот сопруг, македонскиот карикатурист Владо Јоциќ, исклучителна личност. Од нив научив дека е многу важно да комуницираш и да се натпреваруваш со светот.

Често повторувам дека мајка ми беше жена ОД друг и ЗА друг свет!

 

Кои нивни лекции го осветлуваат патот пред вас?

Нивните творештва се најголемата и најпоучната лекција. Тие ми го осветлуваат мојот сликарски пат и прават да се чувствувам сигурен и силен во сопственото творештво. И двајцата ја сакаа татковината; таа бескомпромисна љубов кон Македонија ја наследив од нив и од дедо ми Мито. 

 

Дали сметате дека по три и пол децении го заслуживте својот творечки пат како Сергеј Андреевски, а не како син на Петре и на Светлана?

Отсекогаш бев самостоен во одлучувањето и никогаш не се претставував како нечиј син. Јас веднаш после дипломирањето почнав многу активно да патувам, творам и да изложувам низ светот, таму не ги познаваа ниту татко ми, ниту мајка ми, ниту пак некој ме прашал кои се моите родители. Таму единствено беше пресудна моќта на моето творештво.

Сепак, во моиве зрели години, откако и двајцата ги загубив, многу повеќе се чувствувам и се гордеам што сум нивен син. Си велам дека достоинствено ги претставувам.

 

Дали сте задоволни од  Меморијалната изложба во чест на вашиот татко која е поставена во новоотворениот Мултифункционален центар во Слоештица, Демирхисарско, кој се реновираше со поддршка од ЕУ?

Поставката е резултат на идејата што долги години ја сонувавме заедно со сопружниците Јелена и Владо Цветановски. 11 години ја организиравме манифестацијата „Славење на пирејот“ во чест на Петре М. Андреевски и вековитоста н македонскиот народ. Најчесто, тоа го првевме ентузијастички, со минимум или без никаква финансиска поддршка. Го заживеавме и мобилизиравме целиот крај.

Круна на сите тие наши заложби е меморијалната поставка, за којашто јас тврдам дека може да ѝ парира на било која светска изложба од ваков вид. Обезбедивме голем број вредни донации, дониравме лични, семејни предмети од детството на Петре, посветено работевме речиси две години за да се реализира проектот, да заживее просторот, да се исполни со посетители.

Меѓутоа, морам да кажам дека лично сум многу разочаран од СИТЕ надлежни институции во земјава коишто неодговорно се однесуваат – поставката е сѐ уште заклучена, недостапна за голем број заинтересирани посетители.

 

Лани имавте изложба насловена „Азбука“ посветена на нашиот великан Блаже Конески, но и за да поттикнете будење кај јавноста за значењето на македонската кирилична азбука и македонскиот јазик, особено во период кога секојдневно е оспоруван. По што го паметите Конески, кој беше близок и со вашите родители – и како деец и како човек?  

И татко ми Петре, и мајка ми Светлана Христова–Јоциќ соработуваа со него, бидејќи и двајцата го љубеа зборот и јазикот наш македонски, но и Блаже човекот. Ја паметам последната средба со него, кога беше на гости кај мајка ми. Читаше една песна од мајка ми преведена на англиски јазик и пронајде три грешки во преводот. Ме изненади неговото извонредно познавање на англискиот јазик и тоа на оној, поетскиот…  Беше човек со многу богат дух, а бескрајно скромен. Воедно беше и исклучително духовит, со типичен прилепски сенс за хумор.