„Раде Кончар“: Недостигот на регистерски таблички не е по наша вина, МВР склучи договор со друга компанија


Во врска со континуираната комуникација на правни и физички лица со „Раде Кончар – Контактори и релеи“, како и информациите кои се пласирани во јавноста преку одредени медиуми околу недостигот на нови регистарски таблички со нумерација од нашата држава, од компанијата сопштуваат дека кај нив нема вина за настанатата ситуација. 

Од компанијата велат дека „Раде Кончар – Контактори и релеи“ бил надлежен и одговорен за спроведување на договорот за изработка на регистарските таблички склучен со Министерствототo за внатрешни работи, до исцрпувањето на вредноста на рамката.
„Регистарските таблички, како основен метод за нумерација и идентификација на превозните средства во патниот сообраќај во Република Северна Македонија се од
суштинско значење за непречено функционирање на државата. Имајќи ја предвид
сериозноста на состојбата, како единствен производител на овие таблички, благовремено го информиравме Министерството за внатрешни работи дека постои недостаток на регистарски таблички поради истек на договорот. ‘Раде Кончар – Контактори и релеи’ ниту добиваше нарачки за изработка, ниту имаше законска можност да испорачува регистарски таблички во изминатиов период.
На 26.09.2020 Министерстовото за внатрешни работи објави повик за јавна набавка на регистарски таблици за моторни возила, а постапката заврши со поништување. Во повторената постапка Министерството дури во април донесе одлука за избор на најповолен понудувач. Во оваа постапка, друг економски оператор е избран за најповолен понудувач, додека ‘Раде Кончар – Контактори и релеи’ е елиминиран, па нашите права ќе продолжиме да ги остваруваме преку надлежните институции и во рамки на позитивните прописи“, се вели во соопштението до медиумите.

Од таму додаваат дека како сериозна компанија која постои повеќе од 70 години, ја информираат јавноста дека недостатокот од регистарски таблички во државата во никој случај не е поврзан со работењето на „Раде Кончар – Контактори и релеи“ и целосно се оградуваат од оваа ситуација.

„Раде Кончар-Контактори и релеи“ е единствена домашна компанија која инвестираше во комплетна технологија за производство на регистарски таблички од осамостојувањето, поточно од 1996 година. „Како единствен домашен производител на регистарски таблички сме горди на квалитетот кој е потврден со меѓународни сертификати и поради тоа ги преземаме сите потребни мерки за спречување на ширење на шпекулации и невистини кои негативно се одразуваат на нашето работење и углед“, велат од компанијата.