Путиновата војна ги притиска САД и Европа да се справат со криминално заработените пари


Режимот на претседателот Владимир Путин со години беше обвинуван за корупција од страна на активисти и истражувачки новинари. Министерството за финансии на САД официјално го соопшти тоа во понеделникот, директно нарекувајќи го режимот на Путин клептократија.

Со нападот на Украина Путин им даде совршена шанса на САД и на нивните сојузници да ги потиснат лабавите практики и дупките кои ја олеснуваат корупцијата и дозволуваат валканите пари да се прелеваат низ Европа, САД и на други места. Претседателот Џо Бајден вети дека неговата администрација ќе се бори со перењето пари и даночното затајување од клептократи и криминалци, почнувајќи од САД.

Руската неиспровоцирана инвазија на Украина бараше остар и брз одговор од светските сили за да се прекине финансирањето на воените напори на Путин. Време е да се нападнат и мрачните офшор фондови на режимот.

„Претходно тие не можеа да тргнат по Путин без да ризикуваат да го испровоцираат“, рече Сони Капур, банкарски и финансиски експерт кој води тинк-тенк, Нордискиот институт за финансии, технологија и одржливост. „Сега тие можат директно да ги замрзнат, конфискуваат и враќаат средствата од Путин и неговиот близок круг“.

Обединетото Кралство веќе беше поттикнато да донесе закон за одложен економски криминал, дизајниран да ги разоткрие вистинските сопственици на недвижен имот и да се справи со перењето пари низ Лондон, што според проценките на Националната агенција за криминал ќе ја чини Велика Британија 134 милијарди долари за една година. Швајцарија и низата глобални даночни раеви и тајни јурисдикции, вклучително и оние кои се под заштита на Британија, треба да бидат притиснати да се приклучат на каузата. На глобално ниво, обемот на недозволени средства што се перат во финансискиот систем е во вредност од 2 до 5 отсто од БДП, или до 2 трилиони долари, според Обединетите нации.

Канцеларијата за контрола на странски средства на американското Министерство за финансии во понеделникот им забрани на сите граѓани или компании на САД да работат со руската централна банка, како и со руските богати фондови и со Министерството за финансии. Тој го опиша  Рускиот фонд за директни инвестиции  како „нечист фонд“ за Путин и „амблем на пошироката руска клептократија“.

„Овој фонд и неговото раководство се симболи на длабоко вкоренета руска корупција и влијание на глобално ниво“, рече висок претставник на администрацијата. „Некои од вас можеби знаат дека ова тргнува од ВЕБ – путинскиот банкарски фонд што целосно е блокиран минатата недела и е тесно поврзан со клептократијата на највисоките нивоа на руската влада.

САД за вакво нешто се подготвува подолго време. Бајден вети дека ќе ги спречи корумпираните лидери и криминалци да го користат американскиот финансиски систем за перење пари и избегнување данок. Минатиот декември Министерството за финансии отвори фонд за клептократија за да ги награди информаторите кои помогнаа да се идентификуваат имотите. САД, исто така, веќе го усвоија Законот за корпоративна транспарентност за да ги зајакнат стандардите за регистрација на компании кон крајот на претседателствувањето на Доналд Трамп.

„Се чини дека во САД беше признание дека непроѕирните финансиски текови се закана за националните безбедносни интереси, што беше двопартиско“, рече Оливер Булоу, автор и експерт за перење пари.

Режимот на Путин со години беше обвинет за злоупотреба на средства од страна на инвеститори, како што е Вилијам Браудер, роден во Америка, и прогонетиот тајкун Михаил Хордоковски. Детали за поединци и компании поврзани со перење пари и корупција беа изложени од истражувачки новинари во групи како Проектот за известување за организиран криминал и корупција и во националните конзорциуми за весници. А книгите како „Луѓето на Путин“ од Кетрин Белтон се обидоа да откријат како руските офшор фондови биле користени за финансирање тајни операции во странство за да им помогнат на руските сојузници и да ги поткопаат непријателите.

Низа земји се придружија на обидите да ја притиснат и изолираат Русија финансиски преку санкции. Во последниот чекор, САД, низа европски земји, плус Канада и Јапонија се согласија да замрзнат голем дел од девизните средства на Руската централна банка во вредност од 643 милијарди долари.

Дури и Швајцарија се согласи да ги следи минатонеделните санкции на Европската унија против поединци, компании и некои банки, вклучително и санкционирање на Путин, неговиот премиер и министерот за надворешни работи. Ова не е прв пат швајцарските банки да замрзнат имот на луѓе под санкции на САД, но земјата сè уште ја чува својата геополитичка независност и  банкарска тајна.

Во швајцарското банкарство постои романтична идеја дека нејзината приватност ги штити добрите поединци од опасности дома, но ова изгледа сè повеќе застарено колку што се појавуваат повеќе скандали. Британија исто така треба да направи повеќе. Предлог-законот за економски криминал на владата е чекор, но критичарите стравуваат дека ова нема да оди доволно далеку. Конечно ќе донесе транспарентност на озлогласениот британски пазар на станови во сопственост на офшор компании, кој долго време го фаворизираа олигарсите како место за задржување на нивните пари, рече Булоу. Но, владата сè уште не го чисти корпоративниот регистар на Обединетото Кралство, каде што компании со  анонимни сопственици сè уште можат да се основаат поевтино.

„Јасно е дека Британија сè уште не се зафати со каква било кампања за истиснување на црните пари од финансискиот систем“, рече Булоу.

Еден од најбогатите руски олигарси, Роман Абрамович, кој важи за еден од спонзорите на Путин, има елитен недвижен имот во Лондон, што се обидува да го продаде што е можно поскоро, пред да се донесат дополнителни санкции со кои може да му биде одземен, со останатиот имот.  Абрамович, чие богатство во 2021 година се проценуваше на 14,5 милијарди долари, е државјанин на Русија, Португалија и Израел и жител на Лондон. Формално, тој е најбогатиот „Португалец“ во светот и е меѓу десетте најбогати Лондончани. Абрамович досега не е санкциониран ниту од ЕУ (најверојатно поради европско државјанство), ниту од Британија, но тоа може да се промени. Во Лондон, тој  живее во вила со 15 спални соби, која се проценува на 200 милиони долари. Поседува и елитен пентхаус на три ката во комплексот Челзи Вотерфронт, вреден 30 милиони долари. Неговиот приватен авион, еден од најголемите патнички авиони во светот, е Боинг 787-8 Дримлајнер. Во меѓувреме, Франција најави дека ќе конфискува недвижен имот, јахти и автомобили на руските олигарси. Прашање е дали тоа ќе биде доволно?