Путин за малку ќе го потпишел мировниот договор, па одненадеж се премислил

Британскиот весник „Фајненшел тајмс“ наведува дека Путин загубил интерес за дипломатско решение и сега сака да ја отсече Украина од излез на море


 

Рускиот претседател Владимир Путин изгуби интерес за дипломатското решение на војната што ја започна во Украина и се чини дека целосно се фокусираше на освојување што е можно поголем дел од територијата на Украина, објави „Фајненшел тајмс“, цитирајќи тројца луѓе за кои весникот тврди дека се добро упатени во разговорите со лидерот на Руската Федерација. ФТ пишува дека Путин сериозно размислувал да склучи мировен договор со Украина, откако неговите војници на бојното поле се соочиле со низа проблеми на почетокот на инвазијата, но сега им се доверил на луѓето вклучени во преговарачките напори дека не гледа смисла да се постигне договор.

„Путин искрено верува во глупостите што ги емитува руската телевизија секој ден и сака голема победа“, изјави за ФТ едно од трите споменати лица.

Иако Москва и Киев се согласија за нацрт можен договор на состанокот на нивните делегации во Истанбул кон крајот на март, разговорите заглавија откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за воени злосторства врз цивили во градовите како Буча и Мариупол. Набргу потоа, Путин јавно изјави дека мировните напори дошле до застој, дополнително влошени со потопувањето на рускиот крстосувач „Москва“, командниот брод на Црноморската флота од страна на Украина, што според двајца извори на ФТ го разбеснило Путин.

„Имаше надеж дека ќе се постигне договор. Путин постојано се предомислува затоа што мора да најде начин да излезе како победник од оваа војна. Но, потоа дојде веста за потонувањето на ‘Москва’ и тој повеќе не сакаше да потпишува ништо, бидејќи после тоа во никој случај не изгледаше како победник со оглед на фактот дека тоа беше понижување“, објаснува еден извор.

И украинската страна и западните претставници уште од самиот почеток ја доведуваат во прашање посветеноста на Путин на мировните преговори и веруваат дека тој всушност ги користи само за да купи време за неговата војска да напредува на фронтот. Луѓето упатени во разговорите со него за ФТ тврдат дека им се чини дека тој има прилично искривена слика за целата војна, за што ги сметаат за одговорни неговите генерали и наративот пласиран од руската државна телевизија. Во таа насока, тие го посочуваат фактот дека Путин инсистира, и покрај сите докази за спротивното, дека руските трупи во Украина не гаѓаат цивилни цели.

Како што е познато, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и олигархот Роман Абрамович досега дејствуваа како посредници меѓу украинската и руската страна во обид да организираат средба меѓу Путин и Зеленски. Во исто време, преговарачките делегации, кои се состануваа на неколку различни локации од почетокот на војната и разговараа на интернет речиси секојдневно, се обидоа да договорат безбедносни гаранции што голем број земји ќе ги дадат на Украина во замена за прогласување на нејзината неутралност и откажување од аспирациите за членство во НАТО.

Но, во петокот Путин во телефонски разговор му кажа на Мишел дека разговорите се заглавени, обвинувајќи ја Украина дека „кренала ѕид“. Тој додаде дека „ова не е вистинско време“ за средба со Зеленски, тврди за ФТ лице запознаено со содржината на разговорот.

Преговарачите објаснија дека тоа значи дека Русија верува оти може да окупира повеќе територија, а не дека тоа би било показател дека е потребно повеќе време за разговори.

„Путин се труди максимално да избегне средба со Зеленски. Тој сака се да се реши пред нивната средба“, вели едно лице вклучено во преговорите.

Самиот Зеленски во саботата изјави дека сака разговорите да продолжат, но предупреди дека ќе биде невозможно ако последните украински борци бидат убиени во Мариупол или ако окупаторските власти во регионот Херсон организираат референдум за отцепување на регионот. Властите во Киев стравуваат дека Путин би можел да оди подалеку од освојување на Донбас, односно дека би можел да се обиде да го окупира целата југоисточна Украина и целосно да ја отсече земјата од излез на море. Во исто време, иако Киев е убеден дека има сила да ги одбие руските трупи откако Путин очигледно се откажа од својот првичен план за брзо освојување на целата земја, постојат стравувања дека Москва би можела да прибегне кон тактичко нуклеарно оружје во случај на дополнителни тешкотии на бојното поле.

„Зеленски му рекол на Мишел на состанокот во Киев во средата дека украинското јавно мислење не поддржува продолжување на мировните преговори и дека вооружениот отпор е попопуларен од правењето отстапки“, изјави еден извор за ФТ.

Во телефонскиот разговор со Зеленски во неделата, Ердоган се обиде да го убеди да се врати на преговарачката маса, велејќи му дека е подготвен да пружи помош во тој поглед. Тој во петокот најави дека деновиве треба да разговара со Путин, заклучува „Фајненшел тајмс“, наведувајќи дека до затворањето на текстот не добиле коментари од портпаролите на Кремљ и Роман Абрамович.