Путин најави дека ќе се вакцинира утре, не кажа со која вакцина


Рускиот претседател Владимир Путин изјави денес дека планира да се вакцинира против КОВИД-19 во вторник, но дека за сите Руси одлуката за вакцинација е доброволна.
Путин не прецизираше со која од трите руски вакцини ќе се вакцинира.

Говорејќи на состанок за руските вакцини против КОВИД-19, кој беше пренесуван на телевизија, Путин исто така рече дека неговата земја има потпишано меѓународни договори за снабдување на 700 милиони луѓе со руската вакцина Спутник V.

Тој додаде дека е од витално значење да се зголеми производството на вакцини за домашна употреба во Русија, каде 4,3 милиони луѓе досега ги примиле и двете потребни дози.

Русија има речиси 4,5 милиони заразени од почетокот на пандемијата на корона вирусот, што ја прави четврта по големина во светот и седма според бројот на починати (93.812 лица).