Пушењето е-цигари значително го зголемува ризикот од коронавирус


Пушењето влијае врз белите дробови на младите и тие почесто заболуваат од Ковид-19 од непушачите. Тоа сега го докажаа истражувачите од Медицинскиот универзитет во Станфорд

 

Тинејџерите и младите возрасни лица кои редовно пушат е-цигари заболуваат многу почесто и во потешка форма од Ковид-19 отколку непушачите во иста возраст. Првпат тим медицинари на чело со професорката по педијатрија Бони Халперн-Фелшер од Медицинскиот универзитет Станфорд изработил студија на оваа тема, која е објавена во стручниот магазин Journal of Adolescent Health.

Симптомите на короната петпати почести

Студијата покажува дека меѓу оние кои биле позитивни на тест за коронавирус, корисниците на е-цигари се петпати почесто застапени отколку просечните граѓани. Тоа не значи дека ризикот за инфекција за корисниците на е-цигари е поголем отколку за другите. Но, оној кој се заразил со вирусот и истовремено пуши е-цигари, има пет пати поголема веројатност да развие симптоми како кашлица, температура, замор или проблеми на респираторните патишта. Оној кој не манифестира симптоми, често не ни оди на тестирање.

Оштетени бели дробови

Кај оние кои пушеле конвенционални или е-цигари во последните 30 дена пред нивното тестирање за коронавирус, ризикот од заболување бил дури 6,8 проценти. Студијата од друга страна не може да даде сигурни податоци за оние кои пушеле конвенционални цигари, зашто речиси сите испитани пушачи истовремено користеле и е-цигари. Податоците на овој начин противречат на тезата дека пушењето би можело да го намали ризикот од инфекција со коронавирус.

„Адолесцентите и младите возрасни лица мора да знаат дека некој кој конзумира е-цигари непосредно го зголемува ризикот од Ковид-19. Зашто така ги оштетува белите дробови”, вели раководителката на студијата, Шивани Матур Гаиха.

Таа ги предупредува младите луѓе од лажна сигурност. „Многумина веруваат дека нивната младост, односно старосната возраст ги штити од симптоми на Ковид-19. Но, податоците докажуваат: за луѓе кои користат е-цигари, тоа не важи. Ризикот од болеста не е само малку зголемен, туку навистина повеќе”, вели Гаиха.

Преку 4.000 учесници од САД

Истражувачите користеле податоци од 4351 испитаник меѓу 13 и 24 години од сите делови на САД. Изборот на учесници во исто време опфаќал и пушачи на е-цигари и непушачи. Кога станува збор за полот и етничката припадност, групите се избирани врз основа на репрезентативен примерок.

Лекарката Халперн-Фелшер не сака со ова истражување да упати само предупредување до засегнатите адолесценти. Таа апелира и до здравствените власти да се ангажираат. „Сега е дојден моментот, политиката мора да побрза и да ги регулира овие производи”, вели таа. (Дојче веле)