Пукано на домот на Ријана на Беверли Хилс. Уапсена жена, нема повредени
Триесетгодишна жена е уапсена во врска со пукање кон домот на поп-ѕвездата Ријана во Беверли Хилс. Полицијата на Лос Анџелес соопшти дека пукањето се случило вчера во 13:15 часот по локално време и дека напаѓачот е приведен.
Властите потврдија дека мета на нападот бил домот на Ријана, а на местото на настанот се пронајдени чаури од автоматско оружје. Во инцидентот нема повредени, иако Ријана била дома во тој момент.
Идентитетот на жената не е објавен, а не е познат ни мотивот на пукањето. Полицијата пронашла дупки од куршуми на портата и на џипот паркиран во дворот.
Ријана живее во вилата во Беверли Хилс со својот партнер, раперот АСАП Роки, а двојката има и три деца.
Ова не е прв пат имотот на Ријана да биде цел на напади. Во 2018 година, безбедносните камери забележаа крадци како провалуваат во домот на деветкратната добитничка на Греми награда.