Првоаприлска шега: Фолксваген сепак нема да биде ВолтсВаген
Подружницата на германскиот автомобилски гигант Фолксваген АГ (Volkswagen AG) објави лажна вест дека ќе работи во Соединетите Држави под името „Волтсваген Америка“ (“Voltswagen of America”) затоа што подобро ја отсликува ориентацијата на компанијата кон производство на електрични возила, но во средата призна дека тоа беше првоаприлска шега.
Сепак, на социјалните мрежи, првоаприлската шега наиде на критики затоа што некои коментатори се присетија на скандалот предизвикан од германскиот производител со фалсификување на резултатите од тестовите за издувни гасови за неговите модели на дизел, за што со години ги мамеше клиентите и регулаторите.
„Фолксваген од Америка нема да го смени името во Волтсваген. Таа објава беше во духот на првоаприлските шеги да го придружува лансирањето на електричното возило ID.4 SUV и да ја потенцира нашата посветеност да преминеме на целосно електрична подвижност”, рече портпаролот.
Портпарол на Фолксваген во Германија ја нарече промената на името „одлична идеја“ со фокус на маркетингот.
Вториот по големина производител на автомобили во светот, VW се надева дека ќе ја удвои понудата на електрични возила и ќе го зголеми профитот оваа година со преминување кон целосно електрични возила, пишува СЕЕбиз.
Некои директори на VW не се задоволни што нивните електрични модели во САД не привлекуваат толку внимание како Tesla или General Motors.
Фолксваген има за цел да инвестира 16 милијарди евра во електрификација и дигитализација до 2025 година и се обврза на продажба на еден милион електрични возила ширум светот до 2025 година.
Фолксваген во 2015 година призна дека користел нелегален софтвер за да измами на тестовите за дизел мотори во САД, што ја предизвика најголемата криза на корпорацијата што ја чинеше 32 милијарди евра за плаќање казни, судски трошоци и наплата.