Прво ќе се смени Законот за државна управа, па ќе се формира новата влада, вели Муцунски


Блиску сме до договор со ВРЕДИ, не можам да кажувам детали, но извесно е дека сме блиску до конечен договор и дека до крајот на јуни ќе има нова влада, порача вечерва потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски. 

Нагласи дека комуникацијата дали и ЗНАМ ќе биде дел од новата влада не треба да се води преку јавноста, зашто, како што рече, на тој начин може процесот да води во неуспех, но сепак потврди дека се работи да има и двотретинско мнозинство за клучни теми.

-Извесно е дека ќе имаме повеќе од 70 пратеници, постои можност владината коалиција да има и 80, но во следниве денови ќе видиме како ќе изгледа тоа. Со ВРЕДИ, евентуално и со ЗНАМ има двотретинско мнозинство. Целта е да се изврши промена на Законот за организација и работа на органите за државна управа пред да се формира новата влада. Тоа беше едно од нашите ветувања, бидејќи со тоа ќе правиме модернизација во владата, а со тоа и искоренување на огромен број непотребни институции кои не покажале ефикасност и затоа мислам ќе постигнеме голем консензус, рече Муцунски во гостување на ТВ Сител.

Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ останува на своите ставови и нагласи дека местото на ДУИ е во опозиција. Во врска со Преспанскиот договор кажа дека секоја страна треба да ги почитува обврските, и оти обврски има и Грција.

-Тоа што ние сме го кажале е дека на ВМРО-ДПМНЕ не му се допаѓа Договорот од Преспа, дека е погрешен, понижувачки, останува, но истовремено не можеме да бегаме од уставната и правната реалност која тој ја има создадено во нашата држава, истакна Муцунски.

Рече дека остануваат на ставот дека и внесувањето на Бугарите во Уставот треба да биде со одложена примена и дека Бугарија треба да ги применува пресудите на Судот од Стразбур.

-ВМРО-ДПМНЕ она што го зборуваше до сега, сега мора да го реазлизира. Ние сме партија која нудела решенија кои треба да го направат процесот на интеграција во ЕУ предвидлив, но да имаме и некоја сигурност. Остануваме на позициите и со поддршка од стратешките партнери и нашиот сосед Бугарија мислам дека може дојде до реализација на нашата идеја, истакна Муцунски.