Прв пат три жени номинирани за најдобра режија на „Златен глобус“


САД- Клое Жао, Емералд Фенел и Реџина Кинг испишаа историја како номинирани во категоријата за најдобра режија на 78. Златен глобус –прв пат три жени во иста година.

Всушност, никогаш немало номинирано ниту две режисерки во иста година. Барбра Стрејсенд и Катрин Бигелоу беа номинирани двапати, плус номинации добија и Џејн Кемпион, Софија Копола и Ава ДуВернај.)

Жао беше номинирана за нејзиниот филм „Номадленд“ (кој веќе го освои Златниот лав на Венецискиот филмски фестивал) , додека Кинг доби номинација за „Една ноќ во Мајами“, а Фенел за „Ветувачка млада жена“. „Номадленд“ доби номинација и за најдобра филмска драма и за главна улога на Франсис Мекдорманд, додека „Една ноќ во Мајами“ беше номиниран во категориите за најдобра споредна машка улога (Лесли Одом помладиот) и за најдобра оригинална песна. „Ветувачка млада жена“ исто така беше номиниран за најдобро сценарио, најдобра филмска драма и најдобра актерка (Кери Мулиган).

Победниците нема да бидат откриени до телевизиското емитување на 28 февруари, на кое Тина Феј и Ејми Полер ќе се вратат како домаќини. Покрај натпреварувачките категории, на свечената церемонија оваа година Џејн Фонда и Норман Лир ќе добијат награди за животно дело за нивната работа во филмот, соодветно на телевизијата.

Фонда има впечатлива актерска кариера од веќе шест десетлетија. 

Оскаровката дебитираше на големиот екран 1960 година, а подоцна стана, според многумина – една од најсјајните холивудски sвезди, со филмови како „Барбарела“, „Девет до пет“ и „На златното езеро“… Нејзиното последно појавување беше во хумористичната серија на Нетфликс – „Грејс и Френки“.

Фонда е и добро позната како политичко-општествена активистка. Во 1960-тите, таа отворено се изјасни против војната во Виетнам… Актерката, која напиша книга за тоа како луѓето можат да бидат поактивни граѓани – беше уапсена неколкупати за време на протестите.

Таа неодамна беше активно вклучена и во кампањите против климатските промени.