Протоколите за в училиште ги следат децата, не и возрасните
Со посебни протоколи за заштита од Ковид-19, маски, дистанца, дезинфекција на раце, почна учебната година.
Илјадници ученици денеска, на првиот ден од учебната година седнуваат во училишните клупи, година и пол по затворањето што следеше по прогласувањето епидемија од корона вирус.

Во „Лазо Ангеловски“ се влегува низ четири влеза
Во ООУ „Лазо Ангеловски“ учениците влегуваат низ четири влезови. За секое одделение, со во просек 30 деца, има одредено време кога се влегува во училишната зграда. Учениците со маски на лицето, се редат на линиите нацртани уште лани и еден по еден влегуваат внатре. На врата ги дочекува редар, односно учителка задолжена за прием, им прска дезинфекциско средство на рацете и ги пушта во училишната зграда. Сепак, не забележавме дека им се мери температура со дигитален топломер. Веројатно заради бројноста на учениците, а кусото време за влез на цело одделение, затоа што по пет минути влегува друго одделение.

Сепак, додека децата послушно се редат во ред, секое има маска на лицето, родителите, бабите, дедовците кои дојдоа да ги испратат учениците стоеја насекаде во училишниот двор. Не се внимаваше на дистанцата, а некои и не носеа маски на лицето, иако очигледен беше метежот и неможноста да се држи растојание.

Денеска, утре и другиден учениците ќе посетуваат настава два часа. Треба да им бидат поделени сведителствата, кои при завршувањето на ланската учебна година не им беа доставени заради задоцнет тендер за набавка на обрасци. Исто така, учениците ќе ги добијат и учебниците за оваа учебна година, а во секое училиште во Општина Аеродром, добиваат и бесплатни униформи.
На првиот час ќе им бидат објаснети протоколите за влез и однесување во училиштето во услови на пандемија, како и што значи Ковид-19, како да се заштитат себеси и другите. На децата не им е дозволено поздравување и приближување. Се препорачува поздрав со нога, односно потчукнување стапато со стапало.

Училиштата, каде за тоа има потреба, но и услови организираат настава со продолжен престој, за што на учениците им се обезбедува и храна, а останатите носат храна од дома. Пред тоа, секое дете треба да измие раце и дури тогаш да ја симне маската од лицето.
Истите протоколи се спроведуваа и лани, но со далеку помал број ученици
Ланската година, овие протоколи беа спроведувани, но со многу помал број учениции, затоа што со физичко присуство настава посетуваа само учениците од прво до трето одделение. Другите следеа онлајн часови. Во училница секое дете седеше само на клупа, а одделенијата беа поделени на две, па во една училница имаше до 15 деца.

Покрај инсистирањето на дел родители и медицински лица, учебната година да се одложи поради зголеме број случаи со Ковид-19, учебната година почна на 1 септември со физичко присуство и на основците и на средношколците. Настава од дома ќе следат само средношколците од Тетово и Гостивар и тоа во следните две недели, затоа што најголем број заболени од Ковид-19 има во овие градови, со цел да се избегне дополнително преоптоварување на болниците, доколку вирусот почне да се шири меѓу средношколците. Истото барање беше прифатено и за општините Кичево и Струга, но само во траење од една недела, додека барањеро на Маврово-Ростуша беше одбиено од Комисијата за заразни болести, затоа што состојбата со корона вирусот кај нив, не била загрижувачка.(Б.Б.)