Протестите во Кина се многу повеќе од гнев против мерките за Ковид


Симултаноста и спонтаноста на протестите што избувнаа низ Кина укажуваат на тоа дека постои длабоко незадоволство кај кинескиот народ од многу повеќе причини – отколку само драконските и долгогодишни мерки на режимот за Ковид-19. Комунистичките власти се обидуваат да ги прикажат протестите како изолирани, како резултат на најновиот круг на заклучувања. Сепак, шепотот што успева да ги надмине тоталитарните ѕидови не е само забележлив, туку и цвета. Пораката на кинескиот народ е убедливо јасна: Нешто мора да се промени.

Во документарниот филм Хонгконгер, кој делумно го прикажува затворањето на најтиражниот весник во Хонг Конг, „Apple Daily’, од страна на Комунистичката партија на Кина (ККП), ја истакнува важноста  дека сите слободи на крајот се една – човековата. Слободата на печатот, слободата на собирање, слободата на религијата, слободата на трговија, меѓу другите универзални права, сите се суштински меѓусебно поврзани, како што сме сведоци сега во континентална Кина.

Обичните Кинези ја разбираат оваа реалност и бараат крај не само на мерките против Ковид,  кои го ослабнаа просперитетот на Кина и чинат безброј животи, туку и на мандатот на Кси Џинпинг, па дури и крај на владеењето на Комунистичката партија. Ова чувство се сумира со нивното скандирање „Сакаме слобода! и нивната подготвеност да прикажат празни парчиња хартија, што ги претставува безбројте спротивставени вести и објави на социјалните медиуми кои се цензурирани на интернетот контролиран од ККП.

Според видеата кои кружат на интернет, стотици демонстранти – од студенти до баби – извикуваат: „Дајте ми слобода или дајте ми смрт!“ Самите зборови не се изговорени од луѓе кои се занимаваат само со мерките за превенцијата од вируси, туку и од бунтовниците кои сакаат да се ослободат од угнетувањето.

На Џими Лаи, издавачот на „Apple Daily“, наскоро ќе му се суди во Хонг Конг според законот за национална безбедност што беше донесен во 2020 година, главно како одговор на масовните протести на Движењето на чадорите во 2019 година. Лаи беше пред и во центарот на тие демонстрации , повикувајќи на храброст и мирен протест. Законодавството е неверојатно нејасно и може да се применува ретроактивно и воннационално, што значи дека секој, каде било во светот кој е критичен кон Кина може да го прекрши законот и да биде екстрадиран на копното.

Лаи е обвинет за „соработка со странски сили“, што значи дека отворено разговарал со странски државјани и политичари за ситуацијата во Хонг Конг.Судењето ќе биде отворено во Хонг Конг, но останува да се види дали Лаи ќе биде транспортиран на копното, каде што пристапот до правни совети и до медиумите ќе биде ограничен. Практично важи заклучок дека лице кое ќе се суди во таков суд сигурно ќе биде осудено.

Судењето на Лаи е пример за измамата и кафкијскиот апсурд на ККП, која е поцелосна од кога и да е од времето кога тенковите се тркалаа на плоштадот Тјенанмен во 1989 година. Судењето на  Лаи му дава на меѓународното продемократско движење критична шанса да  спречи да се повтори угнетувањето на кинескиот народ со цврсто барање за крај на диктатурата на ККП. Во комбинација со речиси неизбежно неправедниот исход на судењето на Лаи, ова може да биде пресвртна точка на ист начин како што беше самозапалувањето на продавачот на овошје од Тунис што ја започна Арапската пролет или пратката со високо оданочен чај што беше фрлена во пристаништето во Бостон, која исто така заврши како битка за слобода. Многу револуции започнаа со  многу помалку.

Но, што се случува во Кина што покрена ваков бран на револт? Кинеските власти иницираа највисоко ниво на цензура како „одговор за итни случаи“ , вклучително и сузбивање на VPN мрежата и други методи за заобиколување на цензурата преку Интернет, откако невидените протести досега покажаа широко распространета јавна фрустрација од политиката за нулта „Ковид“.

Репресијата, вклучително и следењето и испрашувањето на демонстрантите, уследија заедно со олеснување на ограничувањата за пандемијата во очигледен пристап на „морков и стап“ кон изливот на јавни поплаки. За време на минатата недела протестите против ограничувањата за нулта-Ковид вклучија гласни критики за авторитарното владеење на Кси Џинпинг – што дополнително беше истакнато со смртта на поранешниот кинески лидер Џијанг Цемин.

Протечените директиви на кинеските власти што се појавија на кинески онлајн платформи  ја открија специфичната загриженост на властите за зголемениот интерес кај граѓаните за заобиколување на таканаречениот „Голем заштитен ѕид“ во Кина. Демонстрациите се строго цензурирани, но демонстрантите и другите граѓани оваа недела користеа VPN за пристап до некинески вести и апликации за социјални медиуми кои се забранети во Кина.

Во Шангај се појавија незгодни политички слогани, студентите од колеџ и универзитет одржаа политички собири, се зголеми комуникацијата со странските медиуми, а разни веб-локации ја зајакнаа содржината. Во директивите на власта што излегоа во јавноста се набележани  датуми кога менаџерите треба да внимаваат особено, вклучително и Светскиот ден на човековите права и Меѓународниот ден за борба против корупцијата. Во нив исто така се наредува платформите за е-трговија да се „исчистат“ од производите, апликациите и „штетната содржина“ дизајнирани да ги заобиколат ограничувањата на интернетот, како што се мрежата VPN и рутерите кои го  заобиколуваат заштитниот ѕид на Интернет. Смртта на 96-годишниот Џианг Цемин, објавена во средата, им овозможи на некои покреативно да го изразат незадоволството од Кси.

Џијанг Цемин остави мешано наследство. Издигнат во лидер на Кинеската комунистичка партија веднаш по протестите и масакрот во Тјенанмен во 1989 година, Џианг ги надгледуваше последователните репресии, како и репресијата на практичарите на Фалун Гонг. Тој, исто така, ја чуваше Кина од меѓународната изолација што следеше во 1989 година, но ги заживеа пазарните реформи, ја зголеми економијата на земјата и доведе до поголемо меѓународно отворање на земјата. Исто така, беше многу поприсутен надворешно и попартиципативен со медиумите, за разлика од озлогласено затворениот Кси. Под сè поавторитарното и глобално изолирано владеење на Кси, младите во последниве години почнаа да гледаат понаклонето на ерата на Џианг. Повеќе од половина милион коментари ја преплавија објавата на државната телевизија CCTV на платформата налик на Твитер, Веибо, во рок од еден час по објавувањето на неговата смрт.

„Жаба, претходно погрешно те обвинувавме; ти си таванот, а не подот“, стоеше во еден подоцна во кој се користи популарниот  прекар за Џијанг. За време на пензионирањето, Џианг стана предмет на лесни мемиња меѓу милениумските кинески фанови кои се нарекуваа себеси „обожаватели на краставата жаба“ воодушевени од неговиот изглед налик на жаба и чудните манири.

На некои интернет корисници им беа суспендирани профилите на социјалните мрежи откако споделија песна со наслов „За жал не си ти“. Зборот „за жал“ на кинески е „ke xi“, додека „ти“ се преведува со „ни“ – асоцијација на Вини-Пу, што  е забранета референца за Кси Џинпинг. Во друга популарна објава, книгата за Џианг, насловена „Тој ја промени Кина“ беше променета за да се каже „Тој  ја промени назад“, со „тој“ како вообичаена референца за Кси бидејќи неговото именување во критиките може да привлече брза казна.

Во четвртокот, стотици луѓе се собраа во родниот град на Џианг во источниот град Јангжу за да му оддадат почит на поранешниот кинески лидер, оставајќи голем куп букети околу неговата поранешна резиденција. Продавачка на цвеќе покрај патот рече дека „престанала да ги  брои“ хризантемите – кинески погребни цвеќиња – што ги продала во четвртокот. 

„Тој беше голем, патриотски и позитивен лидер“, изјави Ли Јалинг, жена во доцните 60-ти, за АФП во Јангжу. „Многу му се восхитувавме и чувствуваме загуба и носталгија сега кога го нема“.

Безбедносниот персонал на локацијата учтиво, но решително ги премести ожалостените групи   по тесната уличка покрај историската зграда, во очигледен обид да избегне собирање луѓе. Во Кина постои традиција да се користат собири за јавна жалост за минатите водачи за да се изрази незадоволство од сегашните.

Како одговор на протестите, карантините се укинати во големите градови оваа недела, дури и таму каде сè уште се пријавени релативно високи бројки на случаи. Барањата за тестирање и карантин исто така се опуштени во некои области, во  очекување да се смени националните политики за вирусот. Некои заедници во Пекинг и на други места веќе дозволија блиски контакти на луѓето што се заразени така што ќе се стават во карантин дома, а неколку кабини за тестирање во областа престанаа да работат. Во Ченгду, во провинцијата Сечуан, на патниците повеќе не им требаа негативни резултати од тестот за да се возат со автобус или метро. Во Џинченг, кој е на половина пат од Пекинг до Шангај, луѓето сега можат да влезат во караоке клубови, но сè уште не можат да вечераат во рестораните.

Коментарите во официјалниот државен медиум за вести, Ксинхуа, во петокот повикаа на поголема индивидуална одговорност околу носењето маски, миењето раце, вентилацијата и намалените собири. Тие, исто така, тие ја истакнаа потребата да се заштитат ранливите групи и локалните власти да бидат побрзи во повторното отворање на целните заклучувања. (Фокс њуз и Гардијан)