Протече документ: ЕУ подготвува историска забрана на цигарите со филтер?

Целта на Европската комисија е да го намали уделот на пушачи во населението на пет проценти. Според извештајот, ова сега може да се постигне преку забрана. Информациите доаѓаат од доверлив документ од Брисел што стигна до германските медиуми


Советот на Европската унија наскоро би можел да се согласи на став за забрана на производство, увоз, дистрибуција и продажба на цигари со филтри, а можеби и на електронски цигари. Ова го објави германскиот Билд, повикувајќи се на нацрт-резолуцијата на Советот на ЕУ, која беше подготвена за конференцијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Женева во ноември. Советот се повикува на извештајот на студиската група на СЗО „за регулирање на тутунските производи“.

Извештајот конкретно препорачува „забрана на филтри за намалување на привлечноста на цигарите“, што би претставувало важен придонес за ограничување на потрошувачката на тутун, пишува nTV.

Според документот, покрај забраната за продажба на цигари со филтри, се планира значително намалување на бројот на продажни места за тутун и е-тутунски производи, како и забрана за рекламирање и стимулации за продажба на производи со филтри.

Дополнително, се разгледува и забрана за продажба на тутун на лица родени по одредена година, што би значело дека секоја следна генерација трајно би го изгубила правото да купува цигари, објавува Euronews.

Сличен закон донесе само Нов Зеланд, кој ја забрани продажбата на цигари на лица родени по 2008 година. Сепак, новата влада подоцна го повлече поради практични проблеми и експлозијата на црниот пазар.

Постои загриженост и за растечката популарност на е-цигарите, кои, иако се без чад, сепак претставуваат сериозен ризик по здравјето на корисниците, особено младите. Затоа, европратениците ќе разговараат и за можно ограничување или забрана за продажба на е-цигари во ЕУ.

Интересно е што забраната за филтри е првенствено оправдана со заштитата на животната средина, бидејќи отпушоците од цигари се сметаат за една од најраспространетите форми на пластичен отпад во природата. Но, критичарите предупредуваат на парадокс – пушачите потоа би вдишувале уште повеќе штетни супстанции, бидејќи би се вратиле на цигарите без филтри.

Секоја промена на европските регулативи бара согласност од сите земји-членки. Дискусиите на ниво на Советот на ЕУ започнуваат оваа недела, додека конечната одлука се очекува да биде донесена на конференцијата на СЗО кон крајот на ноември.