Простаклукот на предизборната кампања
Колку се виновни Европа, Бугарите, Грците, Албанците, Македонците и другите домашни велепредавници, за сите наши неуспеси и успеси е најсилниот впечаток од предизборната кампања за комунални избори
Најсилниот впечаток од досегашната предизборна кампања за локалните избори што ќе се одржат за десетина дена е простаклукот на веќе прогласените апсолутни победници. Импресивни се обвинувањата за тоа кој повеќе е корумпиран, кој повеќе крадел и лажел и колку се виновни Европа, Бугарите, Грците, Албанците, Македонците и другите домашни велепредавници, за сите наши неуспеси и успеси.
Ветувањата за чиста, убава, успешна и богата Македонија, како рајска градина, влегуваат автоматски во доменот на лагите. Мнозинството граѓани прелажани со истите ветувања „илјада“ пати, иако добро знаат дека од Потемкиновите села ќе останат само кулисите за кои ќе се потрошат стотици милиони евра позајмени пари, што ќе ги враќаат нашите деца и внуци, и натаму сакаат да слушаат и да веруваат во бајки.
Колку пати досега сте слушнале за изградба на големите брани и езера Калиште и Чебрен, за Вардарска Долина, за пловен Вардар до Егејското и Црното Море, за изградба на болници и голем клинички центар, за автостради, за брзи пруги, за гасоводи и нафтоводи, канали за наводнување,за канализации и водоводи во секој град и село, за чиста човекова околина, за паметни градови, за депонии по светски стандарди, за трамваи и електрични автобуси, за училишта каде на децата ќе им биде достапна најсовремена образовна дигитална технологија и вештачка интелегенција која ни ја приредуваат природни бездарници…
Тука мора да престанам да набројувам оти ако продолжам со сѐ што ни ветиле во овие 34 години независност ќе ни требаат десет томови пишани документи за цела една библиотека од предизборни лаги, ако ги вклучиме и тие од парламентарните и од претседателските избори кои не се разликуваат многу, иако комуналните и парламентарните и претседателските избори се суштински различни, ама лагите се исти.
Еве, да видиме само од овде набројаното што е досега остварено. Браните и езерата на Црна Река, Чебрен и Галиште, Вардарската долина и пловен Вардар се синоними на вечна лага со која се стимулира фантазијата на гласачите. Десетици распишани и поништени тендери, проекти, физибилити студии, јавни расправи и текстови зошто може, или не може тоа да се оствари. И толку, тука приказната завршува.
Ќе градиме и кинески sид
Изградбата на современ и голем Клинички центар, регионални болници и обнова на целиот здравствен систем е исто така приказна за Гинисовата книга на рекорди како успешно можат постојано со години да се излажат граѓаните. На крајот оваа бајка може да заврши со стотина донесени закони за подобро здравство.Што е најлошо, по некоја деценија може навистина да биде изграден Клинички центар со потрошени милијарди евра, ама без доктори и медицински персонал кои драматично брзо се иселуваат, поточно, бегаат во странство, или во домашните приватните клиники најмногу поради неподносливата убавина, прекрасните услови за работа и високите плати во државното здравство. Продолжува да расте вносната трговија со смртта за редовните плаќачи на придонесите за бесплатно здравство.
Брзи пруги, современи автостради, нафтоводи и гасоводи можно е нешто од тоа и да се доживее, бидејќи сѐ во изградба повеќе од 15 години. Актуелната власт тоа веќе го прославува како нивни голем успех. Кој ќе се вози ќе раскажува за македонскиот кинески sид, се разбира не за должината, туку за времето на градење во период од три генерации и за цената повисока од кајганата на Св. Петар. За нафтоводите и гасоводите ќе почекаме уште некоја деценија.
Каналите за наводнување за рајската градина и рентабилно земјоделство, исто така ќе бидат изградени пред да пресушат реките и откако ќе се опустошат нивите и исчезнат последните селани и кога целосно ќе бидат затрупани како диви депонии веќе изградените канали. Атмосферски и фекални канализации и водоводи ќе има нешто повеќе од септички јами за помалку од 20 години. Тоа ќе биде голем успех кога повеќе од половина Македонија ќе има здрава вода за пиење, до тогаш од ограбените извори ќе плаќаме чиста вода по цена повисока од барел нафта. Можете и сега да ја пресметате цената на 157 литри флаширана вода со цената на нафтата на светските берзи. Речиси и нема разлика.
Читај како пародија или трагедија
За висока еколошка свест и заштитена човекова околина со чист воздух и обновените шуми од пожарите бидете без гајле, тоа не е само наш проблем, туку светски. Шумите горат за неколку дена, а растат сто години. Кога тогаш ќе бидат обновени, а штом светот го реши ова прашање, автоматски ќе биде воздухот чист и кај нас. До тогаш и нашите градови ќе станат паметни ќе има и трамваи и електрични возови и метро, ќе има и автомобили што ќе летаат. Нема да има застој во сообраќајот и онака ќе бидеме помалку од еден милион, главно пензионери.
Со депониите ќе нема проблем. До тогаш ќе изгорат сите ако успешно го задржиме ова темпо на пожари, а ќе има и помалку ѓубре штом ќе има помалку од еден милион народ по најавата на премиерот Христијан Мицкоски. Му верувам дека добро пресметал колку се раѓаат и умираат годишно и колку си заминуваат во странство.
Најлесно ќе биде да се воспостави извонредно успешно образование на децата со најсовремена дигитална технологија и вештачка интелегенција. Деца ќе има сѐ помалку, па така неместо по 30 во училница, ќе има само по неколку на кои наставниците ќе можат да им обрнат поголемо внимание. Дотогаш ќе нема потреба и од учебници, па така ќе биде решен и тој проблем со мобилни наочари и компјутери кои знаат сѐ, па нема ни потреба од учење.
Корупција и криминал ќе нема бидејќи ќе нема што повеќе да се краде. Автоматски ќе нема потреба и од медиуми да ја матат работата, а ни од владеење на правото и од правосуден систем. Што ќе ни се медиуми кога рецептот како да се направи лажен ајвар е стопати почитан од заложбата на 43 нобеловци за враќање на демократијата во светот што ни ја приопштува нобеловецот Џозеф Штиглиц. Ќе бидеме рамноправна членка на ЕУ штом таа ќе се распадне.
Текстот можете да го читате како пародија, или трагедија на една држава во зависност од тоа ако сте неинформиран оптимист, добро информиран песимист, голем патриот или предавник.
Ако, пак, ви е сеедно, тогаш ништо.