Проневеиле 2,2 милиони евра преку регистрација на возила


Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со ОСПО—ЕБР,  под раководство на ОЈО за ГОКК, спроведе полициска акција, при што сузбиена е криминална група инволвирана во извршување на кривични дела „проневера во службата“, „перење пари и други приноси од казниво дело” и „несовесно работење во службата”. Полициска акција во Скопје резултираше со лишување од слобода на три лица и кривична пријава против шест физички и три правни лица.

Акцијата била спроведена на 2 и 3 септември од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со ОСПО-ЕБР и под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

По претходно обезбедени судски наредби, полициски службеници извршиле претреси на повеќе локации во Скопје. Лишени од слобода биле С.С. (49), Ш.С. (29) и З.Ѓ. (58). При претресите биле пронајдени и одземени околу 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци и 100 американски долари, повеќе мобилни телефони и две патнички возила.

Според МВР, С.С., сопственик и управител на правно лице од село Кучевиште, кое од 2011 година имало овластување за вршење технички преглед на возила, во периодот од 1 јануари 2021 до 20 јануари 2026 година изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила.

Со тоа, според пријавата, тој имал намера да стекне противправна имотна корист од 138.877.419 денари, односно околу 2,26 милиони евра. Извештаите биле доставувани до Јавното претпријатие за државни патишта, Црвениот крст, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за животна средина и општините.

МВР наведува дека С.С. во извршувањето на делото дејствувал заедно со Д.М. (54), вработен во правното лице од Кучевиште како раководител на станица за технички преглед, кој бил овластен за изготвување и потпишување фактури и доставување извештаи до надлежните институции.

Според истрагата, дел од средствата биле пренасочувани преку осигурително брокерско друштво, на чии сметки биле уплаќани надоместоците, иако таму требало да се наплаќаат само средства поврзани со полисите за осигурување.

Ш.С. и З.Ѓ., како извршни членови на Одборот на директори и овластени лица во осигурителното брокерско друштво, според МВР, биле запознаени со потеклото на дел од приходите. Заедно со С.С., тие наводно го прикривале потеклото на средствата преку префрлање од една на друга сметка и нивно мешање со приходите од редовното работење, меѓу другото преку позајмици. Дел од средствата, според истрагата, биле користени за купување недвижности во корист на правното лице.

Во случајот е опфатена и Т.М. (64), вработена во Јавното претпријатие за државни патишта како помошник-директор за финансии. МВР ја товари дека, иако имала обврска да ги следи уплатите и да ги проверува доставените извештаи, не извршила должен надзор.

Според полицијата, со нејзиното постапување му било овозможено на С.С. да се стекне со противправна корист од 48.434.406 денари по основ на надоместок за патна такса.

М.Д. (40), овластен сметководител во правно лице од Скопје, според пријавата, во сметководствената документација внесувал невистинити податоци кои не соодветствувале со реалната документација, а поднесувал и даночни пријави и годишни сметки во кои не била прикажана реалната финансиска состојба на правното лице од Кучевиште.

МВР наведува дека со пријавените дејствија биле проневерени средства во вкупен износ од 138.877.419 денари, односно 2.258.169 евра.

Од вкупниот износ, според полицијата, на штета на Јавното претпријатие за државни патишта биле 48.434.406 денари, на Црвениот крст 1.485.926 денари, на Министерството за животна средина 5.585.098 денари, додека 83.371.988 денари се однесуваат на Буџетот и комуналните такси на општините.

За шесте физички и трите правни лица е поднесена кривична пријава до ОЈО за ГОКК за делата наведени во пријавата. објави Скопје1.мк