Старица и покрај забраната за приближување пошла во дворот на деверот и го навредувала – тој ја нападнал
Повеќе случаи на семејно насилство нотира денешниот полициски билтен, каде натепани се снаи, мајки и роднини, млада девојка, сопруги…
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Л.А.(36) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 03.10.2026 во Тетово, во семејниот дом, пријавениот со нож упатил закани кон неговата мајка и кон роднина.
На 06.10.2026 во 15:10 часот, полициски службеници од СВР Велес извршија службен разговор со 71-годишната Е.Д. од Велес, постапувајќи по претходна пријава дека не го почитувала решението од Основен суд Велес за забрана да му се приближува, заканува и да го малтретира нејзиниот 66-годишен девер, односно му упатувала навреди. Исто така, таа пријавила дека во дворот од домот, нејзиниот девер Н.Д. физички ја нападнал. По целосно расчистување и документирање на настаните ќе бидат поднесени соодветни пријави.
На 06.10.2026 во Полициското одделение Ростуше, 17-годишна девојка од гостиварско, во присуство на родител, пријави дека во изминатиот период добивала закани и била физички и психички малтретирана од нејзиниот невенчан сопруг И.У.(23), неговата мајка Д.У.(53) и неговата 15-годишна сестра, сите од гостиварско село. Истиот ден, полициски службеници од Полициското одделение Ростуше ги лишија од слобода И.У., Д.У. и малолетничката и по целосно целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 07.10.2026 во 03:30 часот, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишија од слобода К.А.(35) од гостиварско село. Тој бил пријавен од неговата 37-годишна сопруга дека во нејзиниот дом физички и вербално ја нападнал и ѝ упатил закани. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 06.10.2026 во 12:20 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода З.Д.(59) од кумановско село, затоа што агресивно се однесувал и се заканувал на неговата мајка. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На 06.10.2026 во 22:50 часот во СВР Скопје, Ш.С. пријави дека на подрачјето на Шуто Оризари, нејзината 25-годишна ќерка била пресретната од нејзиниот поранешен невенчан сопруг Е.К.(25), кој претходниот ден побегнал од Затвор Струмица, по што физички и со тврд предмет ја нападнал, а потоа насилно ја зел со себе. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.