Повеќе од 10 пријави за семејно насилство во еден ден: Мајка, чичко, очув, татко, тепале деца


Денешниот полициски билтен, повторно ни го отсликува македонското секојдневие во кое деца се тепани од своите родители, но и од очув и од чичко, жени се тепани од мажите, а татковци и мајки, од синовите…

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против Ј.Ј.(49) од пробиштипско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 07.11.2026 во семејната куќа, по претходна расправија, пријавениот физички ја нападнал неговата сопруга.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.К. од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 17.10.2026 во кумановско, пријавениот физички ја нападнал неговата партнерка.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против Љ.Н.(54) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ и „неизвршување на судска одлука“. На 15.11.2026 во семејниот дом во Свети Николе, по претходна расправија, пријавениот упатил закани кон неговите сопруга и ќерка, со што постапил спротивно на изреченото Решение на Основниот суд во Свети Николе, со кое му се забранува да се заканува и да ги малтретира и вознемирува.

На 19.11.2026 во 00:05 часот во Полициската станица Бит Пазар, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода С.И.(45) од Скопје затоа што физички ја нападнал неговата малолетна ќерка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 18.11.2026 во 20:00 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Г.С.(32) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од 23-годишна жена дека ја вознемирувал, односно ѝ се јавувал телефонски, ѝ пишувал пораки и ја следел пред нејзиниот дом, а исто така и тропал на влезната врата од домот. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 18.11.2026 во 11:30 часот во СВР Охрид, од основно училиште во Охрид е пријавено дека нивна 11-годишна ученичка во семејниот дом била физички малтретирана од нејзината мајка. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против И.А.(46) од Пробиштип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неизвршување на судска одлука“. На 17.10.2026, пријавениот бил затекнат во семејната куќа на неговиот брат и со тоа не се придржувал на судската одлука донесена од Основен суд Штип, со која е изречено забрана да се заканува да го малтретира и вознемирува неговиот брат.

На 19.11.2026 во 03:45 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода В.М.(42) од Охрид, постапувајќи по претходна пријава од неговата вонбрачна партнерка, дека физички ја нападнал по кратка расправија во неговиот дом. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.

На 18.11.2026 во 17:30 часот во ОВР Прилеп, 85-годишен жител на прилепско пријави дека, по претходна расправија, бил физички нападнат од неговиот син. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 18.11.2026 во 20:30 часот во радовишко село, полициски службеници од СВР Струмица–ОВР Радовиш лишија од слобода 38-годишен жител од селото, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом физички ја нападнал неговата 32-годишна сопруга. Лицето е задржано во Полициската станица Радовиш, а за настанот е известен јавен обвинител. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Ф.Д.(20) и Д.Д.(19) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ и против Д.Д.(19) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 01.11.2026 во семејниот дом во Штип, по претходна расправија, првопријавениот извршил психичко насилство врз неговата мајка, второпријавениот кон крајот на октомври 2026 година во семејниот дом физички ја нападнал неговата мајка, додека на 30.10.2026 во семејниот дом третопријавениот упатил закани по животот на својата мајка.

На 18.11.2026 во 22:20 часот во СВР Скопје, 34-годишен маж пријави дека на 16.11.2026 во домот на подрачјето на Бит Пазар, неговата малолетна ќерка била физички нападната со тврд предмет од нејзиниот очув Ф.Д.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 18.11.2026 во 21:45 часот во СВР Скопје, 33-годишна жена пријави дека во домот на подрачјето на Бит Пазар, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од нејзиниот чичко М.Ф., кој употребил и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.