Стафа сега тврди дека не му дал пари на судијата Ристов
Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој издржува затворска казна откако призна вина во предметот во кој е обвинет дека како адвокат побарал и зел вкупно 50 илјади евра од сестрата на Љупчо Пецов – Ѓаволот, со цел да му ги даде на судијата Ѓоко Ристов, денеска беше спроведен од затворот „Шутка“ во Кривичниот суд. Стафа беше предложен како сведок на одбраната на Ристов, а иако претходно ја призна вината и се спогоди со обвинителството, денеска во својот исказ негираше дека парите биле наменети за судијата. Рече дека со обвинителството се спогодил „одбирајќи го помалото зло“, бидејќи бил убеден дека нема да излезе жив од затворската ќелија.
Иако, според обвинението, бил фатен како прима 20 илјади евра пред зградата на сестрата на Пецов, Стафа пред судот тврдеше дека парите ги добил како адвокатска награда за застапувањето на Пецов. За дополнителните 30 илјади евра за кои исто така се товари дека ги зел, тој рече дека Пецов му ги дал на заем.
„Во ниту еден предмет не сум му дал пари на Ѓоко Ристов“, рече Стафа, додавајќи дека признанието го дал затоа што не сакал „и нему да му се случи тоа што му се случи на Ѓоко Ристов“.
Како аргумент дека не можел да влијае врз Ристов, Стафа го посочи фактот дека 11 дена пред неговото апсење, Апелациониот суд веќе одлучил по жалбата за притворот на Пецов, односно односно ја одбиле неговата жалба Ѓаволот да не излезе од притвор.
Стафа во најголем дел од сведочењето се фокусираше на наводни притисоци од истражители и обвинителката Искра Хаџи-Василева, тврдејќи дека бил присилуван да каже дека парите требало да му ги даде на судијата Ристов.
Пред судот изнесе сериозни обвинувања и за постапувањето на истражителите при неговото лишување од слобода.
„Беше многу агресивен, ми вршеше тортура, ме малтретираше и физички сакаше да ме нападне“, сведочеше Стафа.
Тој тврдеше дека при претресот не биле пронајдени 20 илјади евра, иако, како што рече, парите биле пријавени. Посочи и дека во официјалните записи не бил евидентиран целиот период од неговото лишување од слобода, поради што, како што рече, поднел претставка до Внатрешна контрола.
Најсериозните тврдења Стафа ги упати на сметка на обвинителството. Според неговото сведочење, истражител му се повикувал на обвинителката Искра Хаџи-Василева и му велел дека, доколку сака да се „спаси“, треба да прифати дека 20 илјади евра требало да завршат кај судијата Ѓоко Ристов.
Според Стафа, откако бил пренесен во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, повторно бил соочен со истото барање.
„Десет години ќе лежам, нема тоа да го дозволам“, рече Стафа, раскажувајќи го својот наводен одговор на притисоците.
Тој тврдеше и дека во ОЈО ГОКК се појавил обвинителот Артан Ајро, кој, според неговите зборови, „застанал пред него и му се смеел во очи“. Стафа рече дека за овие наводи има поднесено претставки до Внатрешна контрола, Советот на јавни обвинители и други институции. Ја спомена и обвинителката Наташа Поп – Трајкова која по неговото апсење, предложила да се укине притворот за Ѓаволот и да му се замени со куќен притвор.
И сега каде е логиката утредента мене да ме лишат од слобода за да влијаам каде притвоорт ќе се замени со куќен притвор и гаранција по моето лишување онвинителката наташа попо трајкова предлага се укине притворот и да се замени со куќен притвор
Стафа пред судот зборуваше и за своето семејство и здравствената состојба на своето дете, за кое рече дека има церебрална парализа. Како што објасни, додека бил во притвор повеќепати барал мерката да му биде заменета со куќен притвор, но откако увидел дека нема друг излез, решил да ја признае вината.
„Кога видов дека нема друго, решив да признаам. Бев убеден дека нема да излезам жив од таа ќелија“, рече Стафа.
Во вкрстеното испитување Стафа повторно негираше дека некогаш влијаел врз судијата Ристов.
На прашање за снимките од камерите на кои, според обвинителството, се гледа дека доаѓал во Апелациониот суд и одел во канцеларијата на Ристов, Стафа одговори дека кај Ристов одел многу поретко отколку кај други судии и дека во Апелација одел и за консултации за правни прашања.
„Ви тврдам дека апсолутно Ѓоко најмалку е виновен за овој предмет. Нема допирна точка со овој предмет. Да е вистина, тој ќе го укинуваше притворот“, рече Стафа.
Во сведочењето тој ја оспори и тезата дека парите што ги побарал од Пецов и неговата сестра биле наменети за судијата.