МВР ќе спроведе внатрешна истрага по тврдењата на две лица дека биле малтретирани од полицајци
Министерството за внатрешни работи ќе го испитува случајот во кој две лица тврдат дека биле физички нападнати од полициски службеници при нивното постапување. Тие изјавиле дека полицајците им го оштетиле и автомобилот. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дела е наложено Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да го испита случајот.
„Одделот презема мерки и активности за целосно утврдување на фактичката состојба и околностите на настанот, како и за утврдување на евентуална одговорност на инволвираните полициски службеници. По утврдувањето на фактичката состојба ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи, а јавноста ќе биде навремено известена“, велат од МВР.
Расчистување на случајот побараа и од албанските опозициски партии. Од Алијанса за Албанците побараа брза, транспарентна истрага, без никаков обид случајот да се релативизира и сметаат дека секое пречекорување на овластувањата, неразумна употреба на сила или малтретирање мора да добие соодветен институционален и правен одговор.
„Во оваа ситуација, молкот на ВЛЕН и на заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени е неприфатлив. Кога си дел од раководството на МВР, одговорноста не завршува со политички изјави. Потребни се дејствување, транспарентност и одговорност. Алијанса за Албанците бара истрагата да заврши без одложување, резултатите да бидат јавно објавени и, доколку се утврди злоупотреба на службената должност или насилство врз младите, одговорните да бидат санкционирани без исклучок“, велат од партијата.