Промоција на Мобилна клиника во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза


Фото: Б. Грданоски

Мобилна клиника ќе биде промовирана денеска во дворот на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза. Станува збор за реализација на проект на Турската агенција за соработка и координација –ТИКА, која целосно ја опреми мобилната клиника.

На настанот, како што е најавено ќе присуствуваат министерот за здравство Венко Филипче, програмскиот координатор на ТИКА, Халим Омер Согут и директорот на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Сеат Зејнел.

Од ТИКА информираат дека донирале и медицинска опрема за потребите на Институтот.

Мобилната клиника, како што посочуваат, има огромно значење во олеснувањето на пристапот на здравствените услуги на населението најнапред од руралните средини со тоа што ќе има по голема контрола врз состојбата со туберкулоза, пристап кон хронично болни и пристап кон населението кое не е во состојба да оди во некоја здравствена установа.

Во мобилната клиника ќе има ЕКГ, хематолошки бројач, инфузомат, дефибрилатор и друга опрема за изведба на рентген графија, земање крв за крвна слика и лабораторија, земање исплувок за микробиолошки испитувања, тензија, пулс оксиметрија. Мобилната екипа ќе биде составена од одговорен специјалист, вработен во институтот, медицинска сестра, стажант и друг потребен персонал за истата работа. За информација на населението за мобилната клиника ќе бидат одговорни општинските авторитети на посетените места, истакнуваат од ТИКА.