Прогласен крај на Република Нагорно Карабах, наскоро ќе нема ни Ерменци


Претседателот на републиката Нагорно-Карабах, Самвел Шахрамањан, потпиша указ за распуштање на сите државни институции од 1 јануари 2024 година, јавува Ројтерс. Регулативата стапува на сила веднаш по објавувањето.Во указот претседателот Шахрамањан се осврна на тешката воено-политичка ситуација што се појави.

„Врз основа на приоритетот за обезбедување физичка безбедност и витални интереси на народот на Карабах, имајќи го предвид договорот постигнат преку командата на рускиот мировен контингент со претставниците на Азербејџан за слободно, доброволно и непречено поминување на жителите на Нагорно-Карабах, вклучително и воениот персонал кој го положил оружјето… донесена е одлука сите државни институции и организации под нивна јурисдикција да се распуштат до 1 јануари 2024 година, а Република Нагорно-Карабах престанува да постои“, се наведува во документот.

Минатонеделниот 24-часовен конфликт меѓу Азербејџан и Нагорно-Карабах предизвика 65.000 Ерменци од непризнаениот регион да се иселат во Ерменија за само неколку денови, правејќи големи редици со автомобили во коридорот Лачин, единствениот пат кој го поврзува Азербејџан со Ерменија. Отворањето на коридорот беше со дозвола на Баку.

Спорниот регион Нагорно-Карабах брои 120.000 жители. Иселувањето трае и во моментоv. Ерменскиот премиер го нарече процесот „етничко чистење“, а посочи дека Ерменија ќе ги прими сите бегалци. Азербејџан, од своја страна, конфликтот го нарече „локална антитерористичка операција“.