Продуктивноста на капиталот е проблем за Македонија

Не прочитав ниту од владата ниту од бизнис здруженијата отчет за тоа што направија со парите со кои нѐ задолжија и како го подобриле работниот амбиент, продуктивноста, извозот, развојот на државата


Светска банка излезе со документ со наслов: „Кон подобри работни места“. Она што е подобро на макроекономско ниво можеби не е добро за мнозинството во Македонија при изразена нееднаквост и сиромаштија. Понатаму, иако филозофски, сепак е легитимно и размислувањето во македонски контекст, настрана од статистичката елаборација на економистите, дека во просек, статистички, веројатноста е помала од единица за да бидете подвработени но ако поголем број на вработени во Макеоднија се подвработени тогаш за нив таа веројатност станува единица.

Додека макроекономистите сѐ уште се занимаваат со проблемот на висока побарувачка за работна сила и висока невработеност и сето тоа во контекст на ниска партиципација на работната сила во Македонија, како и пословичната извикана флексибилност на работната сила (што е еуфемизам за градење на робови во 21. век) би сакал да укажам на неколку коридори за објаснување на ваквите навидум парадокси за работната сила во Македонија, кои помалку се анализираат и секако не се респонзивни за дебата за политичарите и за естаблишментот, бидејќи во тој случај би требало да почнат да размислуваат најмалку за: промена на нивната парадигма за водењето на државата по притисок на естаблишментот, за промени во релативната распределба на богатството, за заборавање на приоритетот на бизнисите за сметка на работниците како ресурс, а со тоа и за поинаква алокација на ресурсите.

Прво, не се зема во предвид дека во јаловата импотентна дебата за ЕУ членство голем број од населението емигрира. Додека емиграцијата пред повеќе децении била од немајкаде, полека со текот на времето и во понов период, емигрантите од Македонија се квалификувана и високо образована работна сила која не сака таа и нејзините деца да бидат подвработени за рутински и мануелни работи, невреднувани според времето кое го инвестираат како вработени, туку вреднувани според неекономските видувања на капиталот и кои сакаат ефикасен амбиент за живеење [лоши административни услуги, пад на квалитетот на јавните услуги, животно загрижувачка животна средина, високо ниво на корупција, немање на пристап и избор за пропратни услуги како градинки, (не)квалитет во образование и здравство итн.]. Намерно ја напоменав ЕУ, бидејќи имплицитно таа е во редовен контакт со политичкиот стратум во Македонија кој е воден од естаблишментот дома. За таква ЕУ вакво статус-кво е корисно бидејќи го дренира најобразованиот, најквалификуваниот слој од работната сила од Македонија во нивните земји каде стареењето и демографијата остава таков простор.

Второ, никогаш не е покрената дебата или нема анализи за тоа дека не е проблем продуктивноста на работната сила во Македонија. Мојата теза е дека проблем е продуктивноста на капиталот во Македонија. Ова е така бидејќи повеќе децении тој капитал дренира јавни средства, се задолжуваме во име на тој капитал, се истурија пари за тој капитал за време на глобалната криза, за време на ковид пандемијата, и еве сега со оваа влада дополнително се задолжуваме во името на капиталот. Не прочитав ниту од владата ниту од бизнис здруженијата отчет за тоа што направија со тие пари со кои нѐ задолжија и како го подобриле работниот амбиент, продуктивноста, извозот, развојот на државата (не економскиот раст) и дали се вратени парите во државниот буџет за оние програми за кои тие пари требаше да бидат вратени.

Трето, се надоврзува на втората теза, е дека повеќе децении се врши неефикасна алокација на државни ресурси кон капиталот во Макединија. Неефикасната распределба на финансискиот капитал кон бизнисите за Македонија имаат пониски, а не повисоки приноси, што доведува до намалена севкупна продуктивност и економски раст и развој во Македонија. Ова е докажана теза и од ММФ истражувањата. Имено, ММФ докажа дека trickle-down економијата воведена од Реган и Тачер за тоа дека ако се дадат јавни пари на капиталот тоа ќе доведе до општа благосостојба е погрешна политика. ММФ докажа дека такви политики водат до негативни стапки на раст. Дополнително ММФ истражил дека ако тие средства биле распределени на граѓаните и на работната сила економскиот раст би бил повисок.

Четврто, никогаш непотврдената теза од пред повеќе од десетина години дека градежниот бум ангажирал повеќе сектори и води до економски раст, а со тоа и раст по мене има негативности за Македонија. Некои од негативни екстерналии се: концентрација на капиталот во Скопскиот плански регион, зголемување на нерамномерниот регионален развој, лажно подобрување на финансиите на општините преку еднократни уплати од капиталот. Трошоците од оваа неефикасна алокација на капиталот се во лош квалитет на живот, загадување, прашина, пребукираност, лошо планирање и неинвестирање во инфраструктура од општините, корупција, идни јавни трошења за здравствена заштита, поместување на работна сила кон мануелни работи наместо кон повисока вредност, супституција на капиталот во ниска ликвидност во билансите на државата и граѓаните (неискористени згради и станови) наместо во опрема и капитал за инвестиции кои водат до производство кон повисока додадена вредност. Пластично, поместувањето на споменикот на Цар Самуил на плоштад на нова локација носи економски раст но не и развој.

Петто, Центарот за економски анализи пред повеќе години имаше направено анализа со која се покажа дека краткотрајниот прекин на форсирање на „градењето“ во Македонија доведе до пониска стапка на нееднаквост, а со тоа и пониски економски трошоци за сите нас.

Шесто, не знам колку е сѐ уште точна тезата за стилизираните стапки на еластичност за капиталот и за работната сила при Коб-Даглас економска производна функција за Македонија. Што тоа значи во услови на супституција на работната сила и вештачката интелигенција, зошто не се оданочува капиталот бидејќи тој има корист од тоа, а транзициските трошоци од таква транзиција паѓаат на сите нас, а особено за загубени работни места кои се супституирани со капитал/вештатчка интелигенција. Деновиве на пример, Морган Стенли се пофали дека со вештачката интелигенција заработиле милијарди долари.

И додека естаблишментот во Македонија е под индиректен удар од плебсот поради неинвентивните скапо платени кампањи на нивните преферирани политички субјекти, на сѐ поголем број на граѓани им е јасно дека тие преферирани политички субјекти не можат веќе ништо да понудат на македонскиот граѓанин. Прашањето е кој пат ќе го фатим. Најлош ќе биде оној на статус-кво и војна на исцрпување помеѓу капиталот и работната сила.

(Марјан Николов е претседател на Центарот за економски анализи – ЦЕА)