Продадена зграда на „Политика“ во Белград


Зградата на „Политика“ во центарот на Белград е продадена на компанијата М29 во сопственост на Бобан Рајиќ, чија компанија Медиа 026 е косопственик на компанијата „Политика новини и магазини“, објавено е на порталот „Политика“.

Од јануари 2006 година, сопственик на 17-катницата на Трг Политика бр. 1, во која беше сместена редакцијата на дневниот весник „Политика“ повеќе од половина век, беше „НЛБ банка“ Љубљана.

„НЛБ банка“, односно под тогашното име „Комерцијална банка“ во мнозинска сопственост на државата Србија, тогаш потврди дека станала сопственик на деловната зграда „Политика“, на име намирување на долгот на „Политика“ на банката во износ од 37,1 милиони евра.

Според пишувањата на медиумите, Бобан Рајиќ од 2022 година е сопственик на 50 отсто од компанијата „Политика новини и магазини“, додека другата половина е во сопственост на „Политика“ АД.

Компанијата на Рајиќ „Медиа 026“ доо е и сопственик на 98 отсто од акциите во „Вечерњи новости“ од 2019 година, за цена од два милиони евра.

Инаку, Акционерското друштво за издавање весници и графика „Политика“ кон средината на октомври годинава објави продажба на 50 отсто од својот удел во капиталот на компанијата „Политика нови и магазин“ преку писмени затворени понуди.

Во тогашниот оглас објавен во дневниот весник „Политика“ беше наведено дека проценетата вредност на 100 отсто од капиталот на компанијата „Политика новини и магазини“ изнесува 2.217.669.000 динари, а проценетата вредност на предметот на продажба , односно 50 отсто учество во капиталот, изнесуваше 1.108.834.000 динари.

Исто така, беше истакнато дека доставените понуди не смеат да изнесуваат помалку од 50 отсто од проценетата вредност, односно помалку од 554.417.000 динари.

Но, бидејќи на првата покана никој не се јави, на почетокот на декември беше објавена втора, каде што беше наведено дека доставените понуди не смеат да изнесуваат помалку од 20 отсто од проценетата вредност, односно помалку од 221.766.900 динари.

„Политика“ АД е основана во 1998 година како акционерско друштво во сопственост и под контрола на државата. „ВАЗ Медиа Груп“ купи 50 отсто од акциите во 2001 година, а денес, според пишувањата на медиумите, Србија е директен акционер со 18,5 отсто удел во компанијата, но контролира 85 отсто преку различни државни институции и јавни претпријатија, како што е Републички пензиски фонд и инвалидско осигурување (кој има удел од 29,4 проценти во „Политика“ АД), Акционерскиот фонд кој работи во рамките на Министерството за финансии (10 проценти) и Републичкиот фонд за здравствено осигурување (10 проценти).

Останатите 15 отсто се во сопственост на „НЛБ банка“ (1,2 отсто), „АИК банка“ (0,8 отсто) и на повеќе од 6.400 различни физички лица кои поседуваат помалку од 0,7 отсто.