Приспособување на слепите лица на условите што ги наметна кризата со Ковид-19


Тешко е да се живее во стан за едно слепо лице, без разлика дали е пандемија или не. Околу нашите станови нема ниту паркови, ниту клупи, возила се паркираат на тротоарите, ова се секојдневни проблеми со кои се соочувам, вели штипјанката Ливанта Дивчова. Таа и останатите 99 членови на Здружението на слепи лица во Штип и Карбинци се соочиле со низа предизвици за време на карантинските месеци. Дивчова вели дека карантинот, наместо затворена во станот, го поминала во викендичка, како и сите останати кои имале каде да заминат, а помош имала од нејзините најблиски.

– Нормално, како и секој човек, а особено кај хендикепираните постои стравот. Меѓутоа јас се снаоѓав, секогаш во тешките ситуации си наоѓам излез, или ќе читав некоја добра книга или, пак, компјутерот ќе го земев, па ќе имав комуникација со цел свет, пријателите се исто така тука, коишто ги имам низ цел свет, вели Дивчова.

За разлика од неа, Благородна Ристова вонредната состојба ја поминала во семејната куќа. Ристова вели дека има среќа што живее во куќа, па кога ќе почувствува дека ѝ треба воздух или да го победи стравот веднаш излегува во дворот со своите домашни миленици. Пред неколку децении, како текстилна работничка во поранешниот текстилен гигант „Македонка“ почнала да го губи видот. Со темнината се соочила многу млада.

– Многу е тешко да се живее во темнина, ако нема некој да ти помогне. Навистина животот е тежок. Ќерките ми беа мали кога го изгубив видот и каде да одиме сè ми збореа и ми кажуваа, кој ни приоѓа: „Мамо, иде тој, тој и човек“, за да не се засрамам. Срам ми беше тогаш, кога ме прашуваа, каде сум, зошто не одам на работа, па им одговарав, дека сум на одмор. По неколку години се навикнав. Имавме стан во центарот, а потоа си направивме куќа и сега кога ќе сакам да излезам на воздух си излегувам во дворот, а друштво ми прават кучињата и мачињата, вели Ристова.

Лицата со белите стапови живеат во темнина, тоа на почеток, како што велат Ристова и Дивчова, им носело болка, срам, дискриминација. Коронавирусот на сите им го наруши животот, токму стоте членови на штипското здружение со средства од Владата преку проект, месецов на работилници и трибини ги надминуваат психолошките, но и економските предизвици.

Пандемијата со себе ја носи и депресијата 

Здружението на слепи лица, кое има членови од Штип, Радовиш, Пробиштип, Конче и Карбинци, најекстремниот случај го има забележано во радовишкото село Дамјан. Возрасно слепо лице, кое пред неколку месеци останало да живее само во својата куќа, по смртта на сопругата се соочило да остане без леб и тоа цели три дена. Претседателот на Здружението на слепи лица-Штип, Драги Витанов, вели дека ова е поекстремен случај со кој едно слепо лице се соочило со проблеми за време на вонредната состојба. Разговарано е со локалната власт во Радовиш за да се изнајде решение за овој нивен член и да добива помош од страна на општината. Токму поради ваквите проблеми со кои се соочуваат слепите лица кои живеат сами, Витанов најави дека како здружение ќе побараат обуки за професионални асистенти за слепите лица, по примерите на Скопје, Куманово и Битола.

– Слепите лица со самото тоа што се дома се осамени и дефинитивно имаат проблеми, физички толку можеби не, но психички многу повеќе. Во секојдневието чекаат некој да ги фати за рака и да ги изнесе надвор, а сега уште повеќе е изразено тоа. Затоа што и нема луѓе коишто би можеле да им помогнат, бидејќи сите се плашат од коронавирусот, вели Витанов.

Крсте Велјановски, кој има докторирано психологија, истакна дека последните анализи на светско ниво покажуваат оти по пандемијата 20 отсто од населението во светот ќе се соочи со депресија, а тоа особено ќе биде изразено кај лицата со каков било хендикеп.

– Очигледно е дека пандемијата не избира граници, ниту луѓе. Проблеми со кои мислевме ќе се соочиме со минатото, а тоа е дека перманентно и прогресивно ќе се развива депресијата во современиот начин на живеење. Меѓутоа пандемијата донесе нешто друго. Очигледно дека мерките на Владата претставуваат еден од начините за да се намали бројот на заболени од коронавирусот, но тие мерки, од друга страна, на свој начин донесоа дополнителни тешкотии во живеењето и битисувањето на целиот народ, па и на лицата со овој хендикеп. Тоа нивно изолирање, постои можност за дополнителни психички проблеми кај сите од нас, а посебно кај лицата со хендикеп. Тие дополнителни проблеми е стравот, кој го имаме сите од нас, за она што ни се случува, првенствено за нашето здравје, за здравјето на нашите најблиски, пријатели, евентуалното губење на работното место. Сето тоа придонесе за страшна несигурност, која постои можност да се одрази и на психичката состојба, вели Велјановски.

Во земјава засега немаат анализи колкав процент од населението се соочило со депресија во време на коронакриза, но Велјановски вели дека решението го гледа во комуникацијата меѓу луѓето, а во екстремни случаи и помош од стручни лица.

– Стравот и депресијата се поврзани, светскиот научен форум кажува дека основа на сите психички нарушувања кои ќе ни следат како постсиндром ќе биде депресијата, а еден голем процент од населението ќе биде зафатено и тоа од над 20 отсто, вели Велјановски.

 

Членовите на штипското Здружение на слепи лица се задоволни од волонтерите, кои беа ангажирани од страна на општината и на ОО на Црвен крст-Штип, кои им помагале во вонредните услови, но и да им донесат секакви продукти и лекови. Витанов вели дека преку проектот „Приспособување на слепите лица од источниот регион на тешките услови што ги наметна кризата со КОВИД-19“ ќе ги надминуваат психолошките, но и економските предизвици. Проектот е финансиран од страна на Владата на Република Северна Македонија.